Албанскиот парламент го изгласа Таулант Бала за нов министер за внатрешни работи

bala
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Албанскиот парламент со 75 гласови “за” и громогласен аплауз на пратениците од владејачкото мнозинство, доцна синоќа Таулант Бала го избра за нов министер за внатрешни работи.

По изборот, тој преку објава на социјалните мрежи вети дека ќе “направи се никого да не разочара во успешното извршување на функцијата министер за внатрешни работи во Владата на премиерот Еди Рама”.


– Понизно ќе му служам на секој граѓанин на Албанија. Ќе се обидам позитивно да ги разочарам оние кои не гласаа за мене денеска во Парламентот на Албанија, напиша Бала на Фејсбук по изборот.

Бала (46) дипломирал на Универзитетот во Тирана, отсек политички науки и меѓународни односи.

Политичката кариера ја започнал во 2004 година како советник во кабинетот на тогашниот премиер Фатос Нано. Првпат за пратеник е избран на 28-годишна возраст, во 2005 година, и оттогаш редовно го обезбедува пратеничкиот мандат и е пратеник кој добил најголем број гласови до сега на едни избори.

По парламентарните избори во 2017 година именуван е за координатор на пратеничката група на социјалистите, функција која продолжи да ја извршува и по изборите 2021 година.

Доаѓа на местото на Бледи Чучи кој на функцијата министер за внатрешни работи дојде во средината на декември 2020 година.

Инаку, по серијата тешки кривични дела меѓу нив и убиства, премиерот Рама во саботата доцна попладне го разреши Чучи и оваа важна функција одлучи да му ја довери на Бала, по што до претседателот Бајрам Бегај во понеделникот го достави предлогот. Тој истиот ден ја потпиша уредбата, која очекувано само формално помина во законодавниот дом.

Бала е шести министер за внатрешни работи од 2013 година, кога социјалистите дојдоа на власт.

Инаку, на маратонската седница, преполна со меѓусебни обвинувања и навреди, меѓу другото беше договорено денеска да се одржи вонредна седница со единствена точка на дневен ред: одземање на пратеничкиот мандат на социјалистот Арбен Ахметај.

Со тоа се отвора пат за апсење на поранешниот вице премиер Ахметај, што го побара Специјалното обвинителство за организиран криминал и корупција, СПАК. Против него се поднесени четири кривични пријави, за злоупотреба на службната положба, пасивна корупција, перење пари и лажно пријавување и прикривање имот.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK