Вклучувањата во живо од градилишта за кои вели дека се дивоградби, јавните повици да постапуваат институциите, обвинувањата дека власта им прогледува низ прсти на оние што градат дивоградби од страна на градоначалничката на Скопје, Данела Арсовска, за министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, се циркус и парада пред избори. Тој смета е дека е добро градоначалниците да вршат контрола на она што е дозволено, а што не е дозволено да се гради, но тоа да го прават од почетокот на мандатот.
„Ова што го гледа македонската јавност е исклучиво само циркус и парада пред локалните избори. Да беше во рамките на првата година, ќе беше за поздрав и ќе беше навистина искрено. Го препознава народот тоа. Овој народ препознава кога нешто е искрено и препознава кога нешто е за правење циркус. Овде ние не говориме за желба да се стави ред во Македонија, овде говориме за парада и циркус, а МВР ќе постапи по неговите надлежности, како што постапувало и секогаш досега“, рече министерот Тошковски пред меѓународната конференција за 50-годишнината од формирањето на Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје.
За заканите за кои градоначалничката кажува дека постојано ги добива министерот Тошковски објасни дека постои посебна процедура. Доколку се пријавени во МВР појасни дека имаат посебна процедура во која се утврдува дали постои сериозна закана на која соодветно реагираат и Министерството и Обвинителството и судот. Тошковски уверува дека доколку се утврди потреба од преземање мерки, МВР веднаш ќе ги преземе.
Градоначалничката Арсовска безмалку откако е на функцијата кажува дека добива закани, но не ги пријавува во МВР оти ќе треба постојано да биде во станица.
Во неделата и премиерот Христијан Мицкоски ја охрабри да ги пријави заканите и кажа дека му е жал што таа добива закани по живот.
Обвинителството, пак, денес извести дека постапувајќи по пријава од група граѓани отворило истрага за дивоградба на шест ката во Чаир.