Германски министер: Стигнавме до нашите граници по прашањето за миграцијата


germanija-pasosh-EPA.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Новиот германски министер за внатрешни работи, Александер Добриндт,  изрази денеска решителност во намерата да спроведе строга миграциска политика со цел да го намали бројот на нерегулирани влегувања во Германија.


„Оваа политика веќе започна на германските граници“, изјави Добриндт обраќајќи му се на Бундестагот, алудирајќи на новите мерки за враќање на сите лица кои не поседуваат потребни документи на германските граници, што се однесува на оние кои сакаат да поднесат барање за азил во Германија.

Добриндт рече дека можностите на германското општество кога станува збор за интеграција дошле до своите граници и затоа, како што рече, Германија мора да испрати сигнал во светот дека дошло до промена во миграциската политика.

„Затоа мора да делуваме што побрзо“, рече Добриндт и објасни дека во првата недела од примена на новите правила, при обид да влезат во Германија, биле одбиени 45 проценти повеќе лица отколку недела дена пред тоа.

Министерот од редовите на Унијата CDU/CSU најави и систематско протерување на криминалците во земји како што се Авганистан или Сирија. Онеможувањето на влез во земјата за лицата кои имаат намера да поднесат барање за политички азил во Германија наидува на критики како во Германија, така и кај соседите, особено во Полска и Швајцарија.

Германија се повикува на т.н. Даблинско правило според кое за азил е одговорна онаа земја членка на Европската унија во која подносителот влегол во ЕУ, а тоа, кога станува збор за копнена граница, не може да биде Германија. На внатрешен план, новата германска влада под раководство на канцеларот Фридрих Мерц се обвинува за тоа што онеможувањето на поднесување барање за азил е неуставно.

Истовремено, германските медиуми, повикувајќи се на извори од полицијата, јавуваат за силен пад на бројот на нерегулирани влегувања во земјата од почетокот на годината. До почетокот на мај се забележани 22.000 обиди за влез, што претставува значителен пад во споредба со 2024 година кога во истото време биле забележани 83.000, а во 2023 година 127.000 преминувања.

Стручњаците исто така укажуваат дека намалениот број на илегални мигранти е резултат на подобрени контроли на надворешните граници на Европската унија. Австрискиот министер за економија и туризам, Вилфрам Хатмансдорфер, ја пофали германската постапка на границата со Австрија.

„Среќен сум и задоволен поради тоа што во Германија дошло до промена во начинот на размислување кога станува збор за миграциската политика“, изјави Хатмансдорфер. Тој додаде дека оние кои бараат заштита во Европа се добредојдени, но не и оние кои доаѓаат од економски причини.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK