Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен денеска го поздрави договорот за 16-тиот пакет санкции на Европската унија против Русија и рече дека ЕУ е посветена да продолжи да врши притисок врз Кремљ.
„ЕУ уште пожестоко се бори со заобиколувањето со таргетирање на повеќе бродови од флотата во сенка на Путин и воведување нови забрани за увоз и извоз. Ние сме посветени да го задржиме притисокот врз Кремљ“, рече фон дер Лајен на социјалната мрежа Х.
Договорот за 16-тиот пакет санкции го поздрави и високата претставничка на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Каја Калас, која на социјалната мрежа Х оцени дека ЕУ со построги мерки за заобиколување на санкциите, новите забрани за увоз и извоз и санкциите за „флотата во сенка“ на Путин, ја затвора вратата за работата на „руската воена машина“.
„Кремљ нема да ја скрши нашата решителност“, рече Калас.