Пратеникот Вахтанг Голанџија, кој беше ранет при пукање во парламентот на Абхазија, им подлегнал на повредите, соопшти прес-службата на претседателството на регионот, пренесе „Ројтерс“.
„Голанџија почина, а на вториот ранет Кану Кварчија му е укажана сета потребна помош, тој е ранет во раката“, соопштија тамошните власти.
Засега не се знае дали некој од осомничените е приведен, ниту кој е мотивот за пукањето.
Абхазија е еднострано прогласена држава на Кавказ.
Прогласи независност на почетокот на 1990-тите, по распадот на Советскиот Сојуз и војната со Грузија.
Абхазиските власти ја сметаат Абхазија за независна република, додека грузиските власти ја сметаат за автономна република во рамките на Грузија и ја оспоруваат нејзината независност.
По војната во Јужна Осетија во 2008 година, независноста на Република Абхазија ја признаа седум држави: Русија, Никарагва, Венецуела, Науру, Вануату, Тувалу и Сирија.