Кривичната пријава што ја поднесе МВР за експремиерот Димитар Ковачевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовским не е отфрлена, а Обвинителството ги проеврува наводите.
Од тука напоменуваат дека двајцата се пријавени за друг временски период и за други дејствија, што значи дека не се опфатени со истрагата за „Државна лотарија“.
„По сите преземени дејствија од сите надлежни институции во конкретниот случај до овој момент се обезбедија докази кои упатуваат на основано сомнение дека наведените шест лица презеле дејствија со кои исполнуваат обележја на кривичните дела за кои беше поведена постапка. За останатите наводи од пријавите проверките продолжуваат. Напоменуваме двете лица што ги наведувате се пријавени за сосема друг временски период и за други дејствија, а на седницата на 6 јуни 2023 година кога точка на дневен ред била наведената одлука претседавал единствено сега осомничениот“, велат од Обвинителството.
Обвинителството вчера побара притвор за директорот на Државна лотарија, Прпарим Бајрами и поранешниот вицепремиер, Артан Груби, поради проневера во Државна лотарија. Според информациите, барањето е со цел, притворската мерка да започне да се спроведува веднаш по пронаоѓањето на двајцата осомничени кои во моментот не се во државата и нивно приведување. Судот денес одлучува за притворите.
Од Обвинителството информираа дека Бајрами доставил информација за потребата од преземање активности за самостојно приредување електронски игри на среќа, при што било предложено да се спроведе постапка за набавка на ВЛТ терминали и нивно имплементирање. Предлогот бил даден иако осомничениот знаел дека набавката е беспредметна и непотребна, бидејќи АД “Државна лотарија” согласно Законот за игри на среќа нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава.
Вицепремиерот Груби иако исто така знаел дека барањето за конкретната јавна набавка е противзаконско и дека “Државната лотарија” нема право самостојно да приредува електронски игри на среќа на територијата на државава, на 6 јуни 2023 година како вицепремиер претседавал со седница на Влада во својство на Собрание на акционерското друштво и покрај тоа што бил свесен дека акционерското собрание нема надлежност да одлучува за конкретната зделка.
Останатите четворица осомничени биле претседател и членови на комисија за два одделни јавни повици, за кои постои сомнение дека ги злоупотребиле посебните овластувања и должности и ги спровеле јавните повици иако знаеле дека таква постапка во конкретните случаи не смее да биде спроведена, бидејќи не биле исполнети законски услови.
Министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, вчера обелодени дека кривичнa пријавa е поднесенa и против поранешен премиер и генерален секретар.