Четири лица загинаа, а петмина се ранети во пукањето што се случи во христијанското училиште Абндант Лајф во Медисон, главниот град на американската сојузна држава Висконсин.
Меѓу ранетите има и деца. Повредените лица се пренесени во локалните болници, изјави за Си-Ен-Ен началникот на полицијата во Медисон, Шон Барнс.
Полицијата потврди дека е убиен и напаѓачот кој е малолетник, а полицајците повикани на местото на нападот го пронашле неговото тело во училишната зграда.
„Полицајците пронајдоа малолетник во зградата за кој веруваат дека е одговорен за овој напад“, изјави началникот на полицијата во Медисон, Шон Барнс.
Христијанското училиште го посетуваат приближно 390 ученици. Училиштето има кампус од 28 хектари, а на неговата веб-страница се наведува дека има помали класови и го посетуваат ученици од околу 200 семејства во областа Дејн.
Училиштето планираше да затвори за божиќните празници по оваа недела.