Обвинителството има материјални докази дека Љупчо Палевски-Палчо е сторител на убиствата на Вања и Панче, изјави обвинителката Ана Стојковиќ-Димитровска пред денешното рочиште.
„После вербалните докази, ќе бидат изведени сите материјалните докази. Обвинителството смета дека од сите докази произлегува основаноста на обвинението“, рече Стојковиќ-Димитровска.
Нагласи и дека промената на исказот на обвинетиот Влатко Кешишев нема никаква доказна вредност. Тој претходно достави нова изјава во која наведува дека Палчо не бил на местото на убиствата.
„Изјавата на обвинетиот Кешишев во оваа фаза на постапката нема доказна вредност, затоа што и тој и сите други обвинети на крајот од судската постапка ќе имаат право да дадат своја одбрана, свој исказ, кој ќе подлежи на прашања од двете стани – обвинителството и одбраната, и ќе се разјаснат сите околности“, рече обвинителката.
Обвинителките првпат дадоа изјава за јавноста од почетокот на судењето.