Властите во главниот град на Индија наредија затворање на училиштата и градилиштата и забранија камионите што немаат потреба да не влегуваат во градот откако загадувањето на воздухот достигна највисоко ниво оваа сезона.
Жителите на Њу Делхи од утрово буквално можат да го видат воздухот што го дишат, а токсичниот смог кој го прекри градот со околу 33 милиони жители е опасен по здравјето. Воздухот влезе во „тешка категорија“, според САФАР, главната агенција за животна средина во земјата, која ги мери ситните честички во воздухот што можат да навлезат длабоко во белите дробови.
Смртоносната магла ги обви спомениците и високите згради во главниот град, со видливоста толку мала што авиокомпаниите предупредија на доцнење. Во неколку делови од градот, нивоата на загаденост беа повеќе од 50 пати повисоки од безбедносната граница препорачана од Светската здравствена организација. Синоптичарите велат дека слабиот квалитет на воздухот ќе продолжи и во текот на неделата.
Загадувањето на воздухот во северна Индија се зголемува секоја година, особено во зима, бидејќи земјоделците ги палат остатоците од земјоделските култури во земјоделските области. Поради ниските температури, чадот останува во воздухот, а ветрот го носи во градот, каде што емисиите на автомобили придонесуваат за загадување. Емисиите од индустријата и согорувањето на јаглен за производство на електрична енергија се исто така поврзани со загадувањето.
Од понеделник, властите ја прекинаа наставата за сите паралелки, освен за 10-ти и 12-ти, другите ученици ќе ја следат наставата преку интернет. Исто така, во градот ќе можат да влезат само камиони со неопходни прехранбени производи. Постарите дизел возила не смеат да се користат, а сите работи на градилиштата се прекинати. Надлежните апелираа до децата, старите лица и лицата кои боледуваат од хронични болести да избегнуваат престој на отворено.
Влошувањето на квалитетот на воздухот во главниот град предизвика и жалење на жителите на социјалните мрежи. Многумина се пожалија на главоболки и кашлица, опишувајќи го градот како „апокалиптичен“ и „гасна комора“. Други ги повикаа официјалните лица еднаш засекогаш да ја решат јавната здравствена криза. Неколку студии проценуваат дека повеќе од милион жители на Индија годишно умираат од болести поврзани со загадувањето.