Мицкоки патува во Приштина на меѓувладина седница со Косово

mickoski-kurti-1.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Денес во Приштина ќе се одржи меѓувладина седница помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Косово.


Предвидено е косовскиот премиер, Албин Курти да го пречека Христијан Мицкоски, пришто двајцата ќе одржат тет-а-тет средба.

 

Во 12:00 часот ќе се одржи меѓувладината седница, по чие завршување ќе се потпишат протоколи и меморандуми за соработка во три области.

Првиот е меморандум за енергетика, рударство и минерални суровини каде се дефинираат иницијативи за соработка во полето на енергетиката, гас, јаглен, електрична енергија и на релевантни инфраструктурни проекти за интерконекција за гас и други проектни иницијативи, како и иницирање соработка за испитување на можноста за развој на нова директна врска за гас Република Косово-Република Северна Македонија.

Вториот е информација за склучување на Протокол помеѓу Владите на Република Северна Македонија и Република Косово за спроведување на Договорот за заеднички гранични премини „Блаце – Елез Хан“ и „Јажинце-Глобочица“. Со овој протокол се регулира начинот на проверки и царинска контрола, инфраструктурата на заедничките гранични точки, меѓусебно поврзување на системите на гранично управување, и начинот на одржување на објектите.

Третиот документ кој ќе се потпише е меморандум за разбирање и соработка меѓу Министерството за образование и наука на Северна Македонија и Министерството за образование, наука, технологија и иновации на Косово. Страните се согласни да работат заедно со цел подигање на квалитетот во стручното образование и обука и во образованието на возрасните во двете држави, имајќи ги предвид законските прописи на двете држави, со кои се уредува нивната работа. Страните со меморандумот се согласни за размена на искуства за стручното образование и обука, вклучително размена на информации за начинот на функционирање на регионалните центри за стручно образование и обука.

Во 13:45 часот ќе одржи заедничка прес-конференција на претседателот на Владата на Република Северна Македонија Мицкоски и претседателот на Владата на Република Косово, Курти.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK