Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, денеска беше домаќин на министерот за надворешни и европски работи и трговија на Малта и претседавачот на ОБСЕ, Иан Борџ. По билатералната средба помеѓу министрите Муцунски и Борџ, се одржа и состанок на ОБСЕ Тројката, со учество на министрите за надворешни работи на Северна Македонија, Малта и Финска, Елина Валтонен.
На средбата со министерот Борџ беше потврдена потребата од заеднички и координиран пристап во справувањето со сериозните предизвици со кои се соочува ОБСЕ, вклучувајќи го конфликтот во Украина, прашањето за финансирање на организацијата, изборот на раководни позиции и долгорочната стабилност на ОБСЕ. Покрај мултилатералната соработка, на средбата се разгледаа и билатералните односи помеѓу двете земји и можностите за нивно продлабочување и унапредување.
Во текот на состанокот на ОБСЕ Тројката, министерот Муцунски ја истакна посветеноста на Република Северна Македонија како член на тројката и даде поддршка за активниот ангажман на Малта, која, и покрај непредвидените пречки, покажа лидерство во овој критичен период за ОБСЕ.
Исто така, беше истакната заедничката заложба на ОБСЕ тројката во одбрана на основните вредности на ОБСЕ – мирот, безбедноста и меѓусебната соработка – како основа за долгорочна стабилност во регионот и пошироко.
По средбата, двајцата министри одржаа прес-конференција. Во своето обраќање пред медиумите, министерот Муцунски изрази надеж дека малтешкото претседателство заедно со идното финско претседателство, дополнително ќе ги зајакне целите на ОБСЕ преку политички дијалог, демократски средства и добро владеење.
„Во овој контекст, се согласивме дека на ОБСЕ како најголемата регионална безбедносна организација, во денешниот сложен геополитички контекст, и треба стратегиска предвидливост и функционална непреченост.“, акцентираше министерот Муцунски во изјавата.