Украинските сојузници не треба да прејудицираат како новата американска администрација ќе се справи со војната во Украина, изјави францускиот министер за надворешни работи Жан-Ноел Баро, додавајќи дека Париз верува дека западните сили мора да останат обединети во поддршката за Киев.
Новиот американски претседател Доналд Трамп, кој постојано го критикуваше обемот на западната финансиска и воена помош за Киев, разговараше со рускиот претседател Владимир Путин и го советуваше да не ја ескалира војната во Украина, изјави за Ројтерс извор запознаен со разговорот, но Кремљ денеска негираше дека Путин и Трамп разговарале.
„Соочени со шпекулации за тоа какви би можеле да бидат позициите или иницијативите на новата американска администрација, мислам дека апсолутно не треба да прејудицираме и дека мора да и дадеме време (на администрацијата)“, рече Жан-Ноел Баро на Парискиот мировен форум.
Но, Баро рече дека сите иницијативи ќе треба да гарантираат дека Украина самата го одредува времето и условите на преговарачкиот процес. Тој додаде дека западните сојузници мора да му ги дадат на Киев сите потребни средства за да се потисне инвазијата на руските сили.
„Украина, како и меѓународната заедница, би имале премногу да загубат доколку Русија го наметне законот на најсилните“, рече тој.
Баро рече дека претседателот Володимир Зеленски се сретна со новоизбраниот претседател Доналд Трамп неколку пати и дека не се сомнева дека ќе воспостави силни односи со новата администрација.
Финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен на истиот форум рече дека е време сојузниците на Украина да ја заострат својата анализа за Русија.
„Не се работи само за Украина. Руската закана за човештвото е егзистенцијална и не почнува ниту завршува со Украина“, рече Валтонен, чија земја влезе во НАТО минатата година како одговор на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година.
Францускиот министер за одбрана вчера изјави дека Париз испраќа повеќе ракети со долг дострел во Украина за напади зад руските линии.