Дијамантски ѓердан поврзан со падот на Марија Антоанета оди на аукција

Screenshot-2024-11-08-074156.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Дијамантски ѓердан за кој се верува дека е поврзан со скандалот што ја собори последната француска кралица Марија Антоанета, ќе се продава на аукција во Женева следната недела.


Дијамантскиот ѓердан од 300 карати е понуден на продажба од приватен азиски колекционер на 13 ноември, а неговата вредност е проценета на речиси два милиони швајцарски франци (2,1 милиони евра), објави аукциската куќа Сотби, но може да достигне и повисока цена.

Во 1780-тите, ѓерданот беше во центарот на аферата со дијамантски ѓердан, во која сиромашната благородничка, Жана де ла Моте, тврдеше дека кралицата на Франција го присвоила ѓерданот без да плати за тоа.

На судењето било утврдено дека кралицата не е виновна, но останала на лош глас поради нејзината екстраваганција, што придонело за избувнување на Француската револуција и нејзино погубување на гилотина.

„Веројатно или можно е некои од овие дијаманти да потекнуваат од познатиот дијамантски ѓердан што доведе до пропаст на Марија Антоанета“, изјави за Ројтерс во четвртокот Џесика Виндхам, шеф на продажбата на луксузен накит во аукциската куќа.

„Видовме дека благородниот накит може да предизвика огромна возбуда“, рече таа, наведувајќи го како пример приврзокот од бисер што ѝ припаѓаше на француската кралица, кој во 2018 година беше продаден многу пати повеќе од неговата првична проценка.

Дијамантите од оригиналниот ѓердан, направени во 1776 година, подоцна беа продадени одделно на црниот пазар и речиси е невозможно да се следат. Но, некои експерти веруваат дека квалитетот и староста на дијамантите укажуваат на тоа дека тие би можеле да одговараат на оригиналните.

„Мислам дека тоа е еден од највозбудливите примероци што ги поседуваме, не само поради потеклото туку и поради дизајнот“, рече Виндам.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK