Кина објави дека ги почитува резултатите од изборите во САД и му честиташе на Доналд Трамп за неговата победа, а официјалниот весник повика на „прагматичен“ пристап кон кинеско-американските односи за да се решат меѓусебните разлики на соодветен начин.
Трамп, републиканец кој најави дека ќе воведе царини за кинески стоки, повторно ја освои Белата куќа со убедлива победа над демократката Камала Харис.
„Го почитуваме изборот на американскиот народ и му честитаме на г-дин Трамп за неговиот избор за претседател“, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.
Државниот весник „Чајна дејли“ објави дека вториот мандат на Трамп може да означи „нов почеток за кинеско-американските односи доколку не се пропушти можноста“.
Новата американска администрација би можела да го зајакне дијалогот и комуникацијата со Кина за различни гледишта „од тајванското прашање до трговијата и Јужното Кинеско Море“, пишува весникот.
„Прагматичен пристап кон билатералните односи е клучен за надминување на сложеноста на глобалните предизвици“.
Правилното управување со кинеско-американските односи, кои весникот ги нарекува најважни во светот, „не само што им служи на интересите на двете земји, туку ќе донесе поголема сигурност и стабилност на целиот свет“, пишува Чајна дејли.