Филков: Ефикасниот правосуден систем е клучен фактор за владеењето на правото

80.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ефикасниот правосуден систем не е само еден од главните предуслови за создавањето на поволна инвестициска и бизнис-ориентирана средина, туку и клучна претпоставка за борба против криминалот и корупцијата, и гаранција за основните човекови слободи и права, рече министерот за правда Игор Филков на отворањето на 15-тата сесија на Националната конвенција на ЕУ во РСМ. Главен аспект пак на ефикасноста, според министерот е должината на судските постапки.


,,Странките пред судовите очекуваат нивните предмети да бидат решени од страна на независни и професионални судии, со донесување на пресуди во разумен рок. Токму долготрајноста на постапките, за жал и 25 години по примената на Европската Конвенција за човековите права од страна на државава, се уште е една од најчестите повреди на човековите права, кои ги генерираат самите судови. Па така наместо судовите да ги штитат човековите права, тие истите ги повредуваат, што е констатирано со бројните одлуки на Европскиот суд за човекови права против нашата држава каде најчестите повреди се констатирани токму за правото на правично судење во разумен рок, согласно членот 6 од Европската конвенција за човекови права и основни слободи,”посочи Филков.

Осврнувајќи се на Извештајот за напредокот на Република Северна Македонија, министерот Филков рече дека постојат разни начини за решавање на идентификуваните проблеми по однос на ефикасноста, како: реформирање или изменување на процесното законодавство, воспоставување на рокови и временски рамки за одредени активности или фази на судските постапки, измена на судската мрежа и надлежност на судовите, создавање на електронски постапки за одредени видови на случаи.

,, Ние ќе продолжиме со реформските чекори се додека не се промени перцепцијата на граѓаните, но и оценките на Европската Комисија дека во нашата држава постои целосно реформиран и независен правосуден систем, поставен на здрави темели. Во изминатите три месеци имаше што да правиме и паралелно со тоа, анализиравме каде се слабостите. Врз основа на недоследностите, скандалите и контроверзните одлуки што се случија досега, за жал скоро секојдневно гледаме каде треба најмногу и најитно да се интервенира”, изјави Филков.

Реформите во правосудството се одвиваат во согласност со Развојната Секторска Стратегија за правосудство за периодот 2024 – 2028 со нејзиниот Акциски план. Во наредниот период клучен приоритет е да се реактивира Советот за следење на имплементацијата на Развојната Секторска Стратегија за правосудство.

Министерството за правда и во наредниот период посветено ќе работи на обезбедување на сите предуслови кои се потребни за подигнување на ефикасноста на судските постапки и квалитетот на правдата.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK