Западот ја користи Украина за да создаде критични закани за безбедноста на Русија, игнорирајќи ги виталните интереси на Руската Федерација, изјави денеска рускиот претседател Владимир Путин.
„Нарушени се принципите на еднаква и неделива безбедност. Меѓудржавните конфликти и внатрешните конфликти се подгреваат“, рече Путин при обраќањето на продолжениот самит на БРИКС во Казан, пренесе ТАСС.
Путин нагласи дека „пример за тоа е Украина, која се користеше и се користи за создавање критични закани за безбедноста на Русија, игнорирајќи ги нејзините витални интереси, легитимните грижи и кршејќи ги правата на луѓето што зборуваат руски“.
Претходно денеска Путин отвори пленарна средба во рамките на самитот на БРИКС во Казан, кој се одржува во проширен формат (БРИКС+).
На состанокот беа поканети претставници на 36 земји, меѓу кои и шефови на Заедницата на независни држави, Азија, Африка, Латинска Америка и шефови на меѓународни организации, пренесува Танјуг.