(Видео) Кузеска: Давкова и ВМРО-ДПМНЕ ослободуваат криминалци и нарко босови

bogdanka-kuzeska.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Опозициската СДСМ ги опиша како шокантни и скандалозни помилувањата на десет лица од страна на претседателката Сиљановска-Давкова.


Партиската портпаролка, Богданка Кузеска, вели дека Давкова помилувала осудени криминалци, дел од нарко кланови, уапсени во големи полициски акции со заплени на оружје, пари и дрога.

Како што рече Кузеска, најшокантно е помилувањето на припадници на криминалниот нарко-клан „Барон“, како и роднини на познатиот Шенки.

За дел од помилуваните, додава СДСМ, има основани индиции дека се вмешани и во други кривични дела и криминални пресметки, како што беше пукањето во Чаир.

Помилувани се и поранешниот градоначалник на Битола, Владимир Талевски кој беше во затвор по пресуда за случајот „Транспортер“ и Марјан Ефремов, првоосомничен во аферата „Шпион“.

„Со овие скандалозни одлуки Давкова застана во заштита на криминалците и нарко клановите. Ова е погазување на правото и правната држава. Ова е силен удар врз безбедноста на граѓаните и врз работата на полицијата и надлежните институции. Сето ова се случува во време кога се загрозува безбедносниот систем и со партизација на Агенцијата за национална безбедност. Осудени криминалци треба да се соочат со правдата, а не да шетаат слободно и да хараат по улиците“, рече Кузеска.

Според опозициската партија, во услови кога на улиците има зголемени криминални пресметки, овие помилувања дополнително ќе ги охрабрат криминалците со што директно се загрозува безбедноста на граѓаните.

 

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK