Францускиот фудбалер Килијан Мбапе проговори за пишувањата во медиумите дека полицијата добила формална пријава за силување против него.
Шведскиот весник „Афтонбладет“ објави дека францускиот напаѓач е под истрага на полицијата.
Полицискиот извештај, наводно, бил поднесен во саботата, откако наводната жртва побарала лекарска помош.
„Експресен“ објави дека Мбапе во четвртокот вечерал во ресторанот „Чез Џоли“, а потоа со пријателите отишол во ноќен клуб во Стокхолм.
Извештаите наведуваат дека тој и неговите пријатели потоа се вратиле во хотелот Банк, каде што престојувал Мбапе.
Медиумите јавуваат дека полицијата го истражува наводното силување кое се случило таа вечер во хотелот.
Мбапе ја напушти земјата со приватен авион во петокот, пред да биде поднесена пријавата.
Во понеделникот полицијата отишла во хотелот во кој престојувал Мбапе, пишува „Афтонбладет“.
Обвинителот што ја води истрагата изјави за АФП дека истрагата е во тек. и во објава на социјалната мрежа „Х“, Мбапе се осврна на извештајот велејќи:
„ЛАЖНИ ВЕСТИ!!!! Станува толку предвидливо, непосредно пред рочиштето, случајно“.
FAKE NEWS !!!! ❌❌❌
Ça en devient tellement prévisible, veille d’audience comme par hasard 😉 https://t.co/nQN98mtyzR— Kylian Mbappé (@KMbappe) October 14, 2024
Фудбалерот на Реал Мадрид веројатно мислел на рочиштето во врска со неисплатените плати за кои тврди дека му должи неговиот поранешен клуб Пари Сен Жермен.
Мбапе тврди дека ПСЖ му должи 55 милиони евра (45 милиони фунти).
Фудбалерот во февруари требаше да добие бонус, како и неисплатени плати за седумгодишниот престој во Париз.
Сепак, ПСЖ одбива да плати, игнорирајќи ја пресудата на ЛФП, управното тело на фудбалот во Франција.
Портпаролката на полицијата Карина Скагерлинд зборуваше за наводната пријава за силување.
„Генерално, ако добиеме извештај и одлучиме да направиме интервјуа, и ако го објавиме јавно, инволвираните во случајот може да преземат дејствија што ја одложуваат и комплицираат истрагата“, рече таа.
Адвокатскиот тим на Мбапе потоа одговори со соопштение испратено до АФП.
„Денес на интернет почна да се шири нова клеветничка гласина од шведскиот медиум „Афтонбладет“. Овие обвинувања се целосно лажни и неодговорни, а нивното ширење е неприфатливо. За да се стави крај на ова методично уништување на имиџот на Килијан Мбапе ќе бидат преземени неопходни правни дејствија за утврдување на вистината и кривично гонење на сите луѓе или медиуми вклучени во моралното вознемирување и клеветничкиот третман што Килијан Мбапе го трпи одново и одново“.
Извор близок до Пари Сен Жермен изјави за АФП дека ќе ги „игнорира“ тврдењата на Мбапе дека постои поврзаност помеѓу извештаите во Шведска и неговиот спор околу платите со клубот.
Да потсетиме дека Мбапе моментално е повреден и не играше на натпреварите од Лигата на нации за Франција.