Иран нема да распореди борци во Либан и Газа за да се соочи со својот заколнат непријател Израел, соопшти денеска иранското Министерство за надворешни работи, додека Израел продолжува со нападите врз групите поддржани од Техеран во регионот.
„Владите на Либан и Палестина имаат доволно капацитет и сила да се соочат со агресијата на ционистичкиот режим и нема потреба од распоредување помошни или доброволни ирански сили“, рече портпаролот на министерството Насер Канани на неделната прес-конференција.
Во последниве денови, Израел изврши неколку напади против групите поддржани од Иран, вклучително и моќниот Хезболах во Либан и јеменските Хути.
Лидерот на Хезболах Хасан Насрала беше убиен во петокот во израелски напад врз јужните предградија на Бејрут, упориште на шиитското движење вооружено и финансирано од Исламската Република Иран.
„Не сме добиле никакви барања и знаеме дека не им е потребна помош од нашите сили“, рече Канани во понеделникот.
Во нападот извршен во петокот врз лидерот на Хезболах во неговото упориште во јужните предградија на Бејрут, беше убиен и бригадниот генерал Абас Нилфорушан, заменик за операции на шефот на Револуционерната гарда, идеолошката армија на Исламската Република.
„Узурпаторскиот ционистички режим нема да остане неказнет за злосторствата што ги направи против иранскиот народ, против силите на отпорот, иранските граѓани и војници“, рече Канани.
Иранскиот претседател Масуд Пезешкијан денеска ја посети канцеларијата на Хезболах во Техеран за да му оддаде почит таму на Хасан Насрала, се вели во соопштението објавено на веб-страницата на владата.
Врховниот лидер на Исламската Република, Али Хамнеи, рече дека загубата на Насрала нема да биде залудна, а првиот потпретседател, Мохамад Реза Ареф, предупреди дека тоа ќе резултира со уништување на Израел.