По повод Меѓународниот ден на демократијата, да испратиме пораки за наша посветеност за негување на демократските вредности,
како што се човековите права, слободни и праведни избори, еднаквост пред законот, уставни ограничувања на власта, општествен, економски и политички плурализам, толеранција, соработка и компромис, истакна претседателот на Собранието Африм Гаши.
Тука сме, рече тој, да испратиме порака за поддршка на различностите, за надградување на инклузивноста и праведноста во општеството и пред се за почит кон секоја индивидуа.
„Северна Македонија е се уште млада демократија, конципирана со Уставот како граѓанска и демократска држава, која ги гарантира човековите права, граѓанските слободи, националната рамноправност и социјалната правда. Во овие 33 години, ние практикувавме демократија, паралелно учејќи ги нејзините вредности и осознавајќи го значењето на нејзините принципи. Една од лекциите што ја совладуваме е дека во основата на демократијата е дијалогот, посебно меѓу политичките чинители во општеството, пред се меѓу пратениците, како народни избраници“, рече Гаши.
Според него, нашиот парламент ги има сите потребни алатки за унапредување на политиките и на законските рамки за владеење на правото и за спречување и заштита од дискриминација.
Затоа, како што додаде, треба да работиме заедно за развој на демократијата во државата.
„Верувам дека наша колективна цел е да направиме терен за новите генерации да живеат во средина во која во прв план се идеите, знаењата и интегритетот на личноста и во која различностите се мотор на напредокот, а не причина за поделби. Од тој аспект, преку артикулирање на различните гледишта и интереси на пратениците, како народни избраници, Собранието е вистинската адреса за јакнење на демократската култура и за унапредување на политичката дебата“, нагласи Гаши.