Претседателката Гордана Сиљановска Давкова се обрати на дискусијата „Младите и внатрепартиската демократија“, што се одржа во Кабинетот на Претседателот по повод 15 септември – Меѓународниот ден на демократијата.
Во дискусијата учествуваа подмладоци од политичките партии во земјава кои ги претставија своите погледи и искуства за улогата и положбата на младите во политичките партии кадешто членуваат и разменија идеи и препораки за подобрување на внатрепартиската демократија и за поттикнување на младинскиот ангажман во политиката.
Претседателката Сиљановска Давкова во обраќањето пред политичките подмладоци посочи дека демократизацијата на политичките партии е клучна за демократизацијата на политиката. Таа се осврна на процесите на внатрепартиското одлучување, на процесите на кандидирање и избор на партиските функционери, посочувајќи дека е неопходна децентрализираност на партиите, почитување на различни тенденции и мислења внатре во партиите и поавтентичен настап на локалните партиски организации.
Во таа насока, таа говореше за потребата од одговорност внатре во партијата, неопходноста од реформи, партиципативна политичка култура и промени во пристапот и комуникацијата на партиите со јавноста.
Претседателката во своето обраќање се осврна и на структурата на партиите и нивното претставување од аспект на родовата застапеност, истовремено посочувајќи дека дејствувањето на политичките партии во голема мера зависи од етичкиот капацитет на водството и на лидерот.
Претседателката ја поддржа потребата од поголема вклученост на младите во носењето на партиските одлуки, истакнувајќи дека тие треба да бидат најсубверзивниот елемент којшто ќе влијае на демократизацијата на овие процеси и на партиското одлучување.
Истакнувајќи ја важноста на внатрепартиската демократија, младите ги разгледаа можностите и начините за нивно поголемо влијание врз политичките процеси, преку активно учество и инклузија во партиските структури.
Политичките подмладоци како генератори на идното партиско лидерство ја истакнаа важноста од едукација и сензибилизирање за демократијата и нејзините сфаќања помеѓу младите.