Во текот на минатата недела царинските службеници открија повеќе обиди за криумчарење, при што привремено се задржани златен накит, ловечка муниција, возило со бункер, облека, обувки, автоделови, ремчиња за рачни часовници, делови за мобилни телефони, батерии, фалсификати и друго.
Царинските службеници од граничниот премин Богородица открија и спречија обид за криучарење златен накит, што двајца турски државјани кои патувале со автомобил со француски регистарски таблички се обиделе да го внесат во државата без да го пријават. При личен претрес на патниците, во рачна торбичка на возачот, во пластична кутија биле пронајдени 7 златни нараквици со вкупна маса од околу 285 грама. Вкупната вредноста на алките е 2.8 милиони денари а избегнатите давачки се приближно 706 илјади денари. Златните алки се привремено задржани а против соспственикот ќе биде поведена соодветна постапка.
– 4.031 разни производи, откриени во два одвоени случаи, од страна на мобилните царински тимови.
Во првиот случај биле откриени 1.175 парчиња разни производи. На наплатната станица Петровец, мобилен царински тим сопрел автобус со македонски регистарски таблички, кој сообраќал на вонредна линија Скопје – Истанбул – Скопје. При преглед на возилото и на багажот на патниците, во куфери сопственост на македонски државјанин кој патувал со автобусот, биле пронајдени 290 ремчиња за рачни часовници, 420 батерии за апаратчиња за слушање, 360 батерии од 1.5 волти, 75 маски за мобилни телефони и 30 заштитници за камери на мобилни телефони, за кои не поседувал документ за потекло и платени увозни давачки. Непријавените производи се привремено задржани а против сопственикот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Во вториот случај биле откриени 2.856 парчиња разни производи.
При контрола на стока во царинска испостава Гевгелија, пријавена за увозно царинење од испраќач од Грција, наменета за увозник од Битола, царинските инспектори од мобилен тим утврдиле дека 2.856 парчиња разна стока (облека, обувки, паричници, ранци, мини дронови, церади и катанци со аларм за мопеди, делови за возила, алкални батерии, алат, техничка стока и друго) не се опфатени со царинските документи. Истите се привремено задржани а против увозникот ќе биде поведена прекршочна постапка.
– 292 парчиња женска облека (фустани, тренерки, комбинезони, елеци, хеланки, здолништа, маици, шопцеви, блузи и друго), откриени од страна на службата за мобилни скенери. На граничниот премин Табановце автопат, за влез во државата бил пријавен автобус со српски регистарски таблички кој сообраќал на редовната линија Белград Скопје, управуван од српски државјанин. При контрола на автобусот во три патни куфери сопственост на возачот, биле пронајдени непријавените производи. Истите се привремено задржани а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Ловечка муниција
– 38 патрони ловечка муниција, откриени на граничниот премин Меџитлија кај грчки државјанин, пријавен за влез во државата. На прашање на царинскиот службеник дали има да пријави нешто за царинска контрола, возачот одговорил негативно. Сепак царинскиот службеник решил да изврши преглед на возилото, при што во багажниот простор биле пронајдени непријавените патрони ловечка муниција. Ловечката муниција е привремено задржана а против патникот ќе биде поведена соодветна постапка.
Возило со бункер
– возило со бункер откриен од страна на мобилен царински тим со скенер. Возилото е откриено на граничниот премин Табановце автопат, кај македонски државјанин пријавен за излез од државата. Возилото било сопрено од страна на полициските службеници од граничниот премин и било однесено на царинскиот терминал за преглед со мобилен скенер. Притоа, зад брзиномерот, бил откриен специјално изработен бункер кој може да се користи за криумчарење стока. Возилото е привремено задржано, а против возачот ќе биде поведена прекршочна постапка.
Производи за кои постои сомневање дека повредуваат права од интелектуална сопственост
Царинските службеници од царинската испостава Богородица привремено задржаа 20.146 производи со ознаки на заштитени трговски марки, откриени во камион со турски регистарски таблички натоварен со стока од испраќачи од Турција наменета за фирми од Косово. При контрола на стоката биле пронајдени 20.000 лед светилки и 146 парфеми со ознаки на заштитени трговски марки. Поради сомневање дека производите повредуваат права од интелектуална сопственост, истите се привремено задржани и поведена е постапка за утврдување на нивната оригиналност.