Германските власти денеска соопштија дека спречиле исламистички напад врз војници планиран од Сириец.
Осомничениот (26) е уапсен во четвртокот веднаш откако купил „две мачети“ со кои планирал да нападне германски војници на место во Баварија, се наведува во соопштението на Јавното обвинителство во Минхен.
Според обвинителството, тој планирал да преземе акција „за време на паузата за ручек на војниците и да убие што е можно повеќе од нив“.
Нападот бил планиран во општина Хоф, 150 километри северно од Нирнберг, каде што има касарна на Бундесверот со неколку стотици војници.
“Обвинетиот со својот чин сакал да предизвика сензација и чувство на несигурност кај населението“, велат од обвинителството, без да прецизираат како истражителите му влегле во трага.
Германските безбедносни служби се во состојба на готовност по нападот со нож во западниот град Золинген на крајот на август, за кој одговорност презеде џихадистичката група Исламска држава. Наводниот извршител на нападот, во кој загинаа три лица, е 26-годишен Сириец кој набрзо бил уапсен.
„Доколку се потврди исламистичкиот мотив на последниот уапсен, тоа е уште еден доказ за големата закана од исламистичкиот тероризам во Германија“, коментираше портпаролот на МВР во Берлин.
Неколку настани ги вратија џихадистичките безбедносни закани на прв план во Германија, што ја натера владата на социјалдемократскиот канцелар Олаф Шолц да објави нови мерки за борба против радикалниот ислам и заострување на имиграциската политика.