Нема патеводител на сите монаси. Оти, бездруго, нашиот најмил и најсакан Покровител, Претечата на Господа, е првиот монах и небесен заштитник на монаштвото, оној кој со својот живот го воспостави образецот на духовниот подвиг и на светоста. Со своето повлекување во пустината, каде што срцето му беше постојано обземено од присуството на Бога, Свети Јован ја отвори патеката за оние кои ќе го следат патот на монашкото откажување и аскеза. Тој е симбол на длабокото покајание, на непрестајната молитва и на крајното смирение – жив сведок за тоа како душата може да стане чист сад за Божјата благодат. Неговиот глас во пустината не беше само за неговото време – тој и денес одекнува во срцата на оние кои се стремат кон внатрешната тишина и кон преобразувачката сила на Божествената љубов. Како заштитник на монасите, Свети Јован ги води оние што Го љубат Бога да ја изберат пустината на срцето, каде што секоја мисла и желба се сведуваат на едно: да се израмни патот Господов, да се исчисти внатрешниот човек и да се стане достоен за Неговото повторно доаѓање.
Сведоци на испишувањето на оваа духовна и свештена историја на Бигорската Обител, освен ангелите и светиите Божји, вчеравечер беа и многубројните поклоници на Чесниот Претеча, меѓу кои и нашите драги отци и браќа, Архимандритите Матеј и Херувим, како и отците Теона и Кирил од Црквата на Грција и јерејот Петар од православната Црквата на Романија. Посебен украс на оваа наша манастирска слава беше молитвено и небесно пеење на отец Херувим со неговиот ангелогласен хор, кои ги воздигнаа нашите мисли и чувства во поинаква духовна димензија.
Исклучителен дар за сите нас и посебно за новите браќа монаси, беше длабоката монашка поука од нашиот свет архипастир, Митрополитот г. Тимотеј, срочена во неговата пригодна беседа по чинот на монашењето.
Нека ви е благословено новото духовно раѓање, наши мили браќа, во рамноангелскиот монашкиот чин! Нека вашите срца бидат секогаш смирени и отворени за послушанието кон Старецот наш свет, преку кого ќе се водите кон непрестајната светлина на Христовата убавина. Со крстот на послушанието, смирението и љубовта, да чекорите по патеката на обожението, та да го достигнете небесниот мир и да се соедините со Христа во Неговото вечно Царство. Светиот Јован Крстител, нашиот моќен Патрон, прв монах и патеводител, нека ви биде постојана инспирација и заштита во духовната борба. Молитвите на Митрополитот, на Старецот, на нашата света монашка заедница и на сите свети да бидат со вас на секој чекор!
Амин.