„Не гледај што правам, туку слушај ме што говорам“. Ова е најсоодветниот коментар на вчерашното излагање на Мицкоски по повод Денот на независноста. Протоколарните пораки за обединување, за жал, немаат никаква врска со реалноста која ни ја сервира ВМРО-ДПМНЕ и политиките кои ги практикува во овие два месеци. Всушност, речиси сите 10 точки од наводната платформа се чиста спротивност на намерите и политиките на партијата на власт. Така што оваа платформа треба да се чита спротивно на тоа што е кажана, истакнуваат од СДСМ.
Оценуваат дека повиците за декриминализација на опозицијата се очаен обид да се покријат сопствените скандали во кои тоне Мицкоски. Освен партиската говорница за сеење лаги и измислени скандали против опозицијата, Мицкоски не успеа да докаже никаква криминализација. Но докажа дека тој ја криминализира, партизира и злоупотребува државата секој ден.
„Додека Мицкоски вели дека дека морала да се прекине партизацијата во општеството, тој и ВМРО-ДПМНЕ спроведуваат груба партизација на државниот апарат. Се казнуваат и шиканираат сите кои не се подредени зад политиките на ВМРО-ДПМНЕ. Се омаловажуваат и прераспределуваат вработени, се вработуваат некомпетентни партиски кадри за кои се смее цела држава. Се етикетираат поединци и групи кои различно мислат или бараат нешто што ВМРО-ДПМНЕ не сака да го даде. ВМРО-ДПМНЕ спроведува партизирање на секое општествено ниво, дури за болни теми како што се лични образовни асистенти. Наутро Мицкоски вели дека мора да се стави крај на етничките теми и поларизација, а попладне ВМРО-ДПМНЕ подгрева етнички тензии, креира заговори за дестабилизација, создава слика за меѓуетничка нестабилност“, наведуваат од опозициската партија.
ВМРО-ДПМНЕ, за жал, како што велат, не знае да опстои како партија ако главната порака не им е токму етничка тема или конфликт. Всушност етничките теми се основната политика на ВМРО-ДПМНЕ и го замолуваме Мицкоски да не ја навредува интелегенцијата на граѓаните.
„Мицкоски вели дека сакал да воспостави правна држава, но очигледно таа треба да важи за сите други, освен за него и сопартијците. Мицкоски и неговите партнери треба да може грубо да ги кршат законите за кои нема одговорност, но да има правна држава. Да се штитат политички сите кои се од интерес на ВМРО-ДПМНЕ од највисоки до најниски функционери па дури и кога ја загрозуваат безбедноста на државата на границите. Но другите сите да одговараат, ова е идејата на Мицкоски за правна држава. Мицкоски вели дека немало друга алтернатива на ЕУ, додека прави се во спротивна насока од интеграцијата. ВМРО-ДПМНЕ нема никаков интерес да ги продолжи ЕУ преговорите и ова го докажаа за само два месеци. Немаат ниту план, ниту стратегија и единствено што ќе прават е одложување додека можат, префрлање на одговорност кај други и отворање нови конфликти. За жал, со тоа ќе губат само граѓаните. За крај, Мицкоски секако мораше да покаже и конструктивност, па ја повика опозицијата да се приклучи, а не кажа за што. Шупливите пораки со кои сака да глуми конструктивност се веќе прочитани. ВМРО-ДПМНЕ нема ниту план, ниту конкретен предлог за обединување, тоа единствено им е потребно на говорниците. Националното единство му е напишано во секој говор за да го прикрива семето на поделбите и омразата кое го сее“, се истакнува во реакцијата.
Според СДСМ, во демократско општество, партнерствата и стручноста не се градат преку навреди, дискредитации и етикетирања. Кога некој е нападнат со реторика како „коленичење“, „купена диплома“ или „голтар“, тоа ја подрива самата политичка култура во која треба да владеат аргументите, а не личните навреди. Етикетите, како овие, не придонесуваат за развој, туку го разградуваат општеството, создавајќи поделби наместо единство.
„Социјалдемократскиот сојуз на Македонија е државничка партија, не е и нема да биде деструктивна опозиција како што беше ВМРО-ДПМНЕ. Ние нема да блокираме мерки и закони во Собранието ако се добри за граѓаните, нема да го блокираме европскиот пат на државата, нема да подгреваме меѓуетнички тензии и поделби.
Време е ВМРО-ДПМНЕ да созрее и го прифати овој начин на водење политика, па тогаш ќе имаме можност за национално единство и политички консензус. Но, за тоа е потребно лидерство, одговорност и подготвеност да се стави националниот интерес над партискиот. СДСМ докажа дека тоа може да го направи, но ВМРО-ДПМНЕ тоа допрва треба да го научи. Градење на државно единство за најважните области и клучни прашања е нормално за демократските земји, но тоа е возможно само доколку искрено се пристапува, без било какви калкулации и само ако политичките партии го стават интересот на државата и граѓаните на прво место.
Власта мора да даде конкретен пример со дела и да биде подготвена да прифати проширување на областите за разговор. Да разговараме и за утврдување принципи за подобрување на состојбите во здравството, за положбата на работниците, за младите.
Национален консензус за главните прашања сметаме дека е потребен. И во минатото СДСМ повеќепати ја повикуваше тогашната опозицијата за најважните прашања да застанеме заедно“, нагласуваат од СДСМ.