Муцунски во Будимпешта се заблагодари за заемот и големата помош за справувањето со пожарите

mucunski-sijarto.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски, на покана на својот колега Петер Сијарто, денес престојуваше во работна посета на Унгарија. Ова е прва посета на министерот Муцунски на Унгарија, пријателска земја која во втората половина на оваа година претседава со Советот на ЕУ.


Во рамки на посетата, министерот Муцунски оствари средба со министерот за надворешни работи и трговија на Унгарија, Петер Сијарто.

На средбата беше нагласена важноста на пријателството меѓу двете земји изградено врз основа на меѓусебна доверба и поддршка, како во мултилатералните односи, така и во економската соработка, која ќе продолжи да се развива и продлабочува во иднина, со посебен акцент на поддршка на постојните и поттикнување нови инвестиции.

Муцунски на средбата се заблагодари за целокупната поддршка од Унгарија, вклучително и неодамнешниот заем за нашата држава, како и големата помош при справување со пожарите. Притоа, тој го информираше својот унгарски колега за новите надлежности на министерството, структурирано слично на унгарското министерството со кое тој раководи.

Од страна на унгарскиот министер Сијарто беше изразена недвосмислена поддршка за нашите евроинтеграции, истакнувајќи дека проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан ќе донесе нова енергија во Унијата. Тој нагласи дека Унгарија ќе продолжи да го поддржува нашето забрзано интегрирање, особено за време на унгарското претседавање со ЕУ, но и во иднина.

Во рамки на посетата на Унгарија, Министерот Муцунски оствари одвоена средба и со Иштван Јакаб, заменик претседател на Националното собрание на Унгарија и претседател на Групата за пријателство на Унгарија со земјите од Југоисточна Европа.

Во фокусот на средбата беа можностите за продлабочување на соработката во образованието, земјоделството и туризмот. Министерот Муцунски изрази благодарност за континуираната поддршка од Унгарија во процесот на пристапување во Европската унија и партнерството во НАТО, истовремено нагласувајќи ја посветеноста на новата влада за спроведување европски реформи.

Заменик-претседателот Јакаб го поздрави долгогодишното пријателство меѓу двете држави и народи, изразувајќи уверување дека Унгарија ќе остане силен поддржувач за нашето полноправно членство во Европската Унија, особено во периодот на унгарското претседателство со Советот на Европа.

За време на посетата, државниот секретар во МНРНТ Елена Кузмановска оствари одвоена follow-up средба со државниот секретар за јавна администрација во МНРТ Естер Ѓармати, чиј фокус на разговорите беше реорганизацијата на МНРНТ, односно трансформацијата на Министерството за надворешни работи кое сега го вклучува и секторот на надворешна трговија во портфолиото на своите главни активности.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK