Претседателот на Собранието Африм Гаши го прими новоименуваниот амбасадор на Француската Република, Кристоф Ле Риголер, посакувајќи му добредојде и успешен мандат во земјава.
Акцент на средбата беше ставен на можностите за понатамошно продлабочување на парламентарната соработка меѓу двете земји, на улогата на Северна Македонија како партнер во НАТО, како и на евроинтеграцијата на земјава.
Претседателот Гаши истакнувајќи ја заложбата на Франција во регионот во однос на интеграциските процеси+, истакна дека Северна Македонија го заврши скринингот, кој покажа солиден степен на усогласеност со законодавството на Европската Унија, и дека сега е од особено значење што поскоро да почне процесот на отворање на поглавјата.
Во однос на членството во НАТО, амбасадорот Ле Риголер искажа импресионираност од тоа како Северна Македонија влезе и учествува во Алијансата, особено укажувајќи на помошта и поддршката за Украина од наша страна.
Соговорниците заклучија дека во последните години е динамизирана соработката на ниво на парламенти меѓу двете земји, заложувајќи се за нејзино понатамошно продлабочување преку пратеничките групи за соработка и преку возвратни посети.
Во тој контекст, беше истакнато и активното учество на нашата Секција во Парламентарното собрание на Франкофонијата и личниот придонес на пратениците за промоција на францускиот јазик, култура и демократски вредности со другите земји во франкофонскиот простор.