Германија депортираше осудени криминалци во Авганистан за прв пат откако Талибанците дојдоа на власт, соопшти германската влада.
„Утринава, за прв пат од август 2021 година, Германија изврши принудно враќање на авганистанските државјани во нивната земја на потекло“, рече владиниот портпарол Штефен Хебестрајт.
Тој рече дека се работи за осудени криминалци кои немале право да престојуваат во Германија и кои чекаат депортација извесно време.
„Der Spiegel“ претходно објави дека 28 лица биле пренесени во Кабул од аеродромот Лајпциг/Хале со чартер на катарската авиокомпанија.
Весникот „Билд“ наведува дека осудените добиле по 1.000 евра кои треба да им помогнат по пристигнувањето во Кабул.
Федералната влада изрази благодарност до „регионалните партнери“ кои одиграа клучна улога во извршувањето на ова протерување и најави дополнителни депортации и покрај дискусиите дека Авганистан не е безбедна земја.
Истовремено, не беше прецизирано за кои „регионални партнери“ станува збор. Министерката за внатрешни работи, Ненси Фезер, во последните денови ги спомена преговорите со земјите што го опкружуваат Авганистан, како што е Таџикистан.
„Германската влада инсистира на депортации. Безбедносните интереси на Германија се несомнено поважни од безбедносните интереси на криминалците и лицата од кои доаѓа потенцијална опасност“, се вели во владиното соопштение.
По терористичкиот напад пред една недела во Золинген, се разви жестока дебата за односот кон миграцијата на бегалците и недоволното протерување на лица кои немаат право да престојуваат во Германија или кои го прекршиле законот.
А осомничениот напаѓач, 26-годишен Сириец, требало да биде депортиран во Бугарија, земјата каде што е регистриран по влезот во Европската унија, но депортацијата пропаднала поради неуспехот на германските власти.
Во четвртокот германската влада усвои низа мерки кои треба да го спречат натамошниот притисок на бегалците врз Германија, која, според мислењето на германската влада, мигрантите најчесто ја избираат како крајна дестинација поради социјалните бенефиции.