Обид за добивање ситни политички поени и манипулација со јавноста се обвинувањата на опозициската СДСМ за бегството на Блерим Рамадани, реагира министерот за внатрешни работи, Панче Тошковски, во објава на неговиот официјален Фејсбук профил.
Тој уверува дека МВР постапило максимално професионално, а СДСМ наместо да се фокусира на вистинските проблеми и да понуди конструктивни критики, избира да обвинува само за да обвини.
„Во случајот со бегството на Блерим Рамадани, вистинското прашање треба да биде зошто судот одлучил да го стави лицето во куќен притвор наместо во ефективен притвор. Познавам писмени правници и во СДСМ кои ја разбираат поделбата на власта и знаат дека МВР и судот се различни институции, но жално е што раководството на СДСМ и нивната ПР служба ги игнорираат овие факти и обвинуваат за да добијат ситни политички поени“, пишува Тошковски и додва дека Рамадани бил предаден на судот по барање на Интерпол, што е во согласност со позитивните законски прописи.
Поранешниот припадник на ОВК, Блерим Рамадани од Косово, кој на 17 јули беше уапсен на косовско-македонската граница врз основа на потерница од Интерпол издадена на барање од Србија, избегал од куќен притвор.
Тој беше однесен во екстрадиционен притвор во затворот во Шутка, но на 1 август, судот му ја преиначи мерката од „притвор“ во „куќен притвор“.