Петтото издание на фестивалот за аминирани филмови „Флипбук“ од утре во Кинотека

454012456_994677475785680_2886817228452550521_n.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Петтото издание на „Флипбук Филм Фестивал“ ќе се одржи од 8 до 11 август годинава во Кинотеката и ќе прикаже близу 100 филмови во главната, студентската, селекцијата на анимиран докуметарец, на анимирани музички видеа и европската панорама.


Во главната селекција ќе бидат прикажани наградуваните филмови од светските филмски фестивали од изминатата година, меѓу останатите и филмот „27“ на унгарката Флора Ана Буда, победник на минатогодишниот Кански филмски фестивал, Санденс, Анеси, Клермон Феран и Европските филмски награди, понатаму рускиот „Хармс“ инспириран од творештвото на познатиот писател, хрватските „Фустан за финале“ и „Жарко, ќе го расипеш детето“ и филмови од португалска, германска, британска, данска продукција.

Во студентската селекција ќе бидат прикажани филмови од најдобрите европски школи за анимиран филм, британскиот “Bunnyhood”, селектиран на годинешниот Кански фестивал, „Уште еден ден во Лисабон“, во кој како еден од режисерите се јавува македонскиот автор Диме Ѓорѓиевски, наградуваниот полски филм „Последниот човек на земјата“.

Во категоријата анимиран-документарен филм ќе бидат прикажани седум наслови, меѓу кои и годинашниот победник на Анимафест Загреб и Анеси „Percebes“ на португалските авторки Александра Рамирез и Лаура Гончалвес, германскиот „Чекање“, прикажан на Берлинале итн. Во селекцијата на анимирани музички спотови ќе бидат прикажани вкупно петнаесет наслови, меѓу другите и „Онти“ на наградуваниот српски автор Милош Томиќ.

Во рамките на фестивалот ќе бидат реализирани и неколку работилници за производство на анимиран филм и флип-бук, а ќе бидат промовирани и книгите „Predavanja o filmskom modernizmu“ на историчарот на филм и професор на загрепскиот универзитет Никица Гилиќ, кој ќе биде дел од жирито, книгата „Michael Dudok de Wit: A life in Animation“, издание на CRC Focus од авторката Андријана Ружиќ, теоретичарка и историчарка на анимиран филм, дел од овогодинешното жири, двојазичниот роман „Евацид“, придружен со изложба, на нашиот писател и визуелен уметник Никола Радуловиќ, минатогодишниот добитник на наградата за најдобар анимиран спот и овогодишен член на жири, и книгата со карикатури на доајенот на македонската карикатура и анимација Тоде Ристо Блажевски, исто така придружена со изложба. Во жирито годинава членови ќе бидат и селекторката и кураторка на ВР програмата на фестивалот Анеси во Франција, Гала Фрекон, филмскиот критичар Влатко Галевски и режисерката Ана Опачиќ. Годинешното издание на Флипбук Филм Фестивал е поддржано од организацијата Еко Свест која ќе додели награда за најдобар филм со еколошка тема, Кинотеката и Агенцијата за филм на Македонија.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK