Министерот за економија Бесар Дурмиши заедно со првиот вицепремиер и министер за животна средина Изет Меџити, со градоначалникот на Општина Чаир Висар Ганиу, и пратеникот Беким Сали денеска ги посетија занаетчиските дуќани во Старата Скопска Чаршија.
Дурмиши ги информираше занаетчиите за мерките за поддршка на занаетчиството во рамки на Министерството за економија и труд.
„Чест и задоволство ми е што денеска сум тука заедно со вас да ги посетиме занаетчиите во Старата Скопска Чаршија и лично да ги информирам за поддршката која што Министерството за економија и труд ја дава за нив.
Занаетчиството е важен сегмент на нашата економија, а Министерството за економија и труд и Владата во наредниот период ќе продолжат со континуирана поддршка, преку мерки и активности кои се дел од политиките за развој и унапредување на занаетчитвото во државата“ кажа министерот Дурмиши.
Министерот информираше дека Министерството за економија и труд минатата недела го објави јавниот повик за поодршка на занаетчиството.
„Со оваа мерка е предвидено да се субвенционираат занаетчии и вршители на занаетчиска дејност преку кофинансирање на 40% од докажаните трошоци, но не повеќе од 200.000 денари по барател, направени зa набавка на нови машини или алати и дизајн на нов производ.За оваа мерка согласно Програмата за развој на претприемништвото и конкурентноста на малите и средни претпријатија предвидени се средства во вкупен износ од 6.500.000 денари од Буџетот на Министерството за економија и труд, а субвенционирани ќе бидат докажаните трошоци кои занаетчиите ги направиле, во 2023 и 2024 година. На јавниот повик може да аплицираат активни регистрирани занаетчии и вршители на занаетчиска дејност, да не е отворена стечајна постапка за нив, да немаат долгови кон државата и кон вработените, да работеле најмалку една година пред објавување на јавниот повик и да немаат добиено финансиски средства по јавните повици на Министерството за економија во изминатите три години“ кажа Дурмиши.
Министерот информираше дека во насока на развој и поддршка на занаетчиството, исто така Министерството за економија и труд минатата недела обајви и повик за поддршка на проекти на здруженија и занаетчиски комори за проекти воделот на организирање на обуки за поединечни занаетчиски дејности и креативни занаети, организирање на форуми, организирање на промотивни активности и обуки за јакнење на свеста за придобивките од легализација на занетчискиот бизнис.
Јавните повици се објавени на веб-страната на Министерството за економија, а занаетчиите и занаетчиските здруженија може да аплицираат најдоцна до 1 октомври 2024 година.
„Сакам да ги повикам сите занаетчии од сите региони во државата да аплицираат за поддршката што како Министерство за економија и труд им ја даваме. Како Министер сакам да ги уверам дека нема да застанеме тука и дека и во иднина ќе креираме мерки и политики за поддршка на занаетчиите бидејќи занаетчиството е фактор за економски развој во нашата земја. Министерството за економија останува посветено и отворено за предлози кои имаат за цел развојот на занаетчиството во Република Северна Македонија“ им порача министерот Дурмиши на занаетчиите.