Извршителите во вторникот го заплениле автомобилот на Миљана Кецмановиќ, мајката на момчето кое минатата година изврши масовно убиство во ОУ „Владислав Рибникар“, за да ги подмират судските трошоци во постапката за привремена мерка со која и се забранува располагање со имотот.
Информацијата ја потврди Марина Ивеља, застапничката на семејството Кецмановиќ во сите правни постапки против нив во случајот „Рибникар“, пишува Н1.
Адвокатот Огњен Божовиќ за Танјуг изјави дека Вишиот суд во Белград ги определил трошоците за постапката на привремена мерка и донел решение по неа, а бидејќи Миљана Кецмановиќ не ги платила тие трошоци, извршителите во постапката за наплата и го одзеле автомобилот.
На граѓанската постапка по тужбата на 27 членови на семејството на убиените и претходеше постапката за определување мерка за обезбедување на идното парично побарување, а на Кецмановиќ им беше забрането отуѓување и оптоварување на недвижен имот, меѓу кои и автомобил.
Со тоа решение таа се обврзува солидарно да им плати трошоци од речиси 1,4 милиони динари, а со оглед на тоа што не ги подмирила тие трошоци, автомобилот и бил одземен.
Против родителите на момчето се водат пет граѓански постапки по тужби од членови на семејствата на загинатите и ранетите и за надомест на нематеријална штета.
Против нив се водат и кривични постапки кои со судска одлука се затворени за јавноста за заштита на малолетни жртви.