Шпанија по четврти пат во историјата стана европски шампион. Шпанците ја победија Англија со 2:1 во финалето на Европското првенство одиграно на Олимпискиот стадион во Берлин. Стрелци за „Црвената фурија“ беа Нико Вилијамс во 47 и Микел Ојарзабал во 87 минута. Кол Палмер погоди за Англија во 73. минута.
Гери Невил (49), легендарниот англиски дефанзивец и поранешен играч на Манчестер јунајтед, а денес стручен коментатор, претходно изјави дека Шпанија не може да го освои ЕП поради левиот бек Марк Кукуреља (25).
„Мислам дека тој е една од причините зошто Шпанија веројатно нема да оди до крај“, рече Невил.
Избраниците на Луис де ла Фуенте го завршија турнирот со седум победи во исто толку натпревари, а Кукуреља не играше само против Албанија во третото коло од групната фаза, кога Шпанија веќе имаше обезбедено пласман во осминафиналето и кога Де Ла Фуенте реши да ги одмори стартерите во претходните две средби, прптив Хрватска и Италија.
По финалето на ЕУРО 2024, Кукуреља ја сподели изјавата на Невил на социјалните мрежи и одговори: „Го изодевме патот, стигнавме до крајот, Гери. Ти благодарам за поддршката“.
Марк Кукуреља кариерата ја започна во акедемијата на Барселона, но не стигна до првиот тим. Играше како позајмен во Еибар и Хетафе. Токму Хетафе го откупи од Барселона неговиот договор во 2020 година за 11,8 милиони евра.
Брајтон една година подоцна за левиот бек плати 18 милиони евра, а во 2022 година Брајтон му го продаде на Челси за 65,3 милиони евра. Договорот со лондонскиот клуб е со важност уште четири години, а „Трансфермаркт“ неговата вредност ја проценува на 25 милиони евра.
🇪🇸 Marc Cucurella replies to Gary Neville: “We went all the way, Gary. Thanks for your support”. pic.twitter.com/RXYw9sMkaf
— Fabrizio Romano (@FabrizioRomano) July 14, 2024