Вулин по обидот за атентат врз Трамп: „Нека се подготви Вучиќ“

vulin-vucic.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Потпретседателот на српската влада, Александар Вулин, по обидот за атентат врз Доналд Трамп, ги повика властите да ги зголемат безбедносните мерки за претседателот Александар Вучиќ и неговото семејство. „Со медиумски притисок се обидуваат да ги натераат да се откажат од државната заштита и да бидат уште полесни мети“, рече Вулин, зборувајќи за Вучиќ и неговото семејство.


Тој потсети дека во последните неколку месеци се случи и обидот за атентат врз словачкиот премиер Роберт Фицо и смртта на иранскиот претседател Ебрахим Раиси во авионска несреќа. Вулин смета дека не случајно се работи за луѓе кои се залагале „за поинаков свет и мир во Украина“, пренесува Нова.рс.

„Нека се подготви Вучиќ и секој што има храброст да се бори за слобода. Обидот за убиство на поранешниот претседател Трамп е израз на дозволена и поттикната омраза, истата омраза што се поттикнува и слободно се изразува кон Вучиќ и Србија“, предупреди тој.

Дачиќ: Нешто слично се спроведува и во Србија

Вулин не беше единствениот претставник на српските власти кој го спореди Вучиќ со Трамп. Вицепремиерот и министер за полиција Ивица Дачиќ изјави дека обидот за атентат врз Трамп е „тажен и трагичен доказ за последиците од кампањата на омраза, закани и дехуманизација на еден човек“.

„Нешто слично се спроведува и во Србија, преку напади врз претседателот на Република Србија, Александар Вучиќ и неговото семејство“, додаде тој.

Претседателката на Собранието на Србија, Ана Брнабиќ, апелираше до „елитата во Србија и нивните независни медиуми“, за кои тврди дека се сè само не независни, да разберат „кои можат да бидат вистинските последици од омразата што секојдневно ја промовираат“.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK