Сопствениците на возила, во првата половина од годинава, вложиле 43,1 милиони евра во задолжително oсигурување од автомобилска одговорност како и во зелена карта. Во осигурувањето за возење во странство (популарно познато како зелена карта) граѓаните и компаниите вложиле 10,2 милиони евра за шест месеци. Сите цени за задолжителното автомобилско осигурување и за зелена карта ги регулира државата. АСО, Министерството за финансии и осигурителната индустрија работат на подготовките на процесот за либерализација на цените на автомобилското осигурување што е и еден од условите во пристапните преговори за членство во ЕУ
Граѓани, компании и институции осигурале речиси 351.000 возила (патнички и товарни возила, автобуси, моторцикли, трактори, приколки и специјални возила) во периодот јануари – јуни годинава. Вкупниот број возила за кои сопствениците купиле полиси за задолжително осигурување од автомобилска одговорност во 2023 година е зголемен за 6,3 отсто во споредба со 2022 година, покажуваат прелиминарните податоци кои до Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) ги достави Националното биро за осигурување (НБО).
Сите 12 осигурителни компании во првите шест месеци издале над 468.000 полиси за осигурување (ЗАО и зелена карта) и за превземањето на ризиците наплатиле 2,65 милијарди денари (43,1 мил.евра). Податоците на НБО покажуваат дека бизнисот со осигурување од автомобилска одговорност во првата половина годинава пораснал за 6 отсто во споредба со истиот период 2023 година.
Секое трето осигурано возило има и зелен картон – осигурување кое овозможува возење во странство. Во првите шест месеци сите 12 осигурителни компании издале повеќе од 117.000 зелени карти. Бројот на издадени зелени карти лани е за нијанса , односно за 2 отсто, помал од бројот на издадени зелени карти во истиот период лани. Но од друга страна вложувањата во зелена карта годинава се за 4,5 отсто повисоки од истиот период лани.
Зелената карта е осигурување кое служи за обештетување на трети лица доколку се случи сообраќајна незгода или несреќа во странство. Специфика на зелената карта е тоа што во некои земји нема утврдена максимална сума за човечки жртви во сообраќајна несреќа. Во таков случај осигурителната компанија што ја издала зелената карта ќе исплати износ без ограничување.
Само за споредба граѓани, компаниите и институциите за цела 2023 година купиле вкупно 958.528 полиси за осигурување возила во земјава и во странство. Во осигурување од автомобилска одговорност (за возење во земјава и во странство) во 2023 година се вложени 5,33 милијарди денари (86,75 мил.евра).
НБО е организација основана од осигурителните компании која има законски овластувања да ги врши работите предвидени со меѓународните спогодби за осигурување на сопствениците и корисниците на моторни возила од одговорност во сообраќајот. Воедно НБО ги претставува сите македонски компании за неживотно осигурување во меѓународните организации и институции за осигурување.
Во Македонија законски задолжителното осигурување од автомобилска одговорност и зелената карта имаат регулирани цени кои ги утврдува и контролира Владата преку надлежна стручна интересорна комисија во која членуваат претставници на Министерството за финансии, НБО и на АСО.