Министерот за јавна администрација, Горан Минчев, денеска оствари работна средба со претседателот Трпе Деаноски и членови на Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани на Република Македонија (УПОЗ) и со претседателот Благоја Ралповски и членови на Конфедерација на Слободни Синдикати на Македонија (КСС).
На средбата се разговараше за предизвиците и моменталната состојба на вработените во јавната администрација.
Министерот Минчев уште еднаш ја потврди заедничката цел, дека јавната администрација останува меѓу главните приоритети на новото министерство за јавна администрација и дека целосно сме посветени на градењето партнерски однос со сите засегнати страни и отворени сме за соработка со синдикатите со цел постигнување на функционален социјален дијалог.
Претставниците на синдикатот побараа да се повлечат законот за вработени во јавен сектор и законот за административни службеници од собраниска процедура, бидејќи имаат суштински забелешки како што се враќање на мерит системот, наградување, уредување на платите со колективни договори и покачување на платите во јавната администрација и обезбедување на подобри услови за вработените во јавната администрација.
Во таа насока, министерот Минчев изрази подготвеност за одржување на социјалниот дијалог и информираше како министерство дека сме посветени на поддршката на институциите, синдикатите и сите инволвирани страни за да се обезбеди подобрување на стандардите за вработените во јавниот сектор.