Вимблдон зад сцената: Како се реализира тениски пренос

449858727_497451512782486_2261726446685552036_n.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Ако во некое идно време се пишува хронологија за успехот на тенисот во нашиот регион, тогаш двата клучни столбови за неговата популарност би биле појавата на Новак Ѓоковиќ и достапноста на тениските турнири од мастер серијата и гренд слемовите преку целогодишните телевизиски преноси.


Иако, повремена телевизиска присутност на тенисот имало и пред тоа, како и успеси на тенисерите – од полуфиналето на Вимблдон на Слободан Живојиновиќ, потоа триумфот на Горан Иванишевиќ на истиот гренд слем, како и 9-те гренд слемови на Моника Селеш, сепак, поради војните во деведесеттите, овие успеси и телевизиски преноси имале мало ехо кај спортската публика.

Вистинската тениска ренесанса во нашиот регион почнува во втората половина на двеилјадитите.

1.

Пионир во тој потфат – тенисот да украде добар термин од телевизиската сатница на неприкосновените фудбал и НБА кошарка, е кабелската телевизија Спорт клуб и нејзиниот коментаторот Небојша Вишковиќ, кој го коментира Вимблдон од 2012 година, а преку каналите на оваа телевизија исто толку години е и присутен во домовите на македонските гледачи.

За почетоците во пробивот на тенисот кај телевизиската публика во регионот тој се присетува:

„Тоа беше занимлива приказна. Спорт клуб е основан во 2006 година и јас учествував во формирањето на телевизијата. Во тој период, Новак беше осумнаесет годишен тенисер, кој само што почна да го трасира својот пат кон успехот, така што сè уште не можеше да се претпостави дека ќе биде играч од оваков формат. Во тоа време немаше многу спорт на телевизиите, така што понудата за да се откупи мастер серијата долго ни стоеше на маса во телевизијата. И мене директорот ме праша, што мислиш што да правиме со оваа мастер серија, ни ја нудат да ја купиме. Јас му велам, го имаме овој малиов Ѓоковиќ, во моментот е околу осумдесеттото место на АТП листата, делува дека би можел да биде добар тенисер, но никогаш не се знае што може да се случи. И тука ние направивме ризик и решивме да ја откупиме мастер серијата. И, практично, од тука почна сè: со купувањето на мастер серијата, буквално и Новак почна да игра и да граби кон врвот, така што сè се поклопи, и паралелно растевме и Новак Ѓоковиќ и Спорт клуб“.

Проценката да се купи мастер серијата се покажала како одличен деловен потфат, бидејќи на телевизијата ѝ била понудена буквално за беспари и оттогаш до денес само го обновуваат договорот со АТП. Со Вимблдонскиот турнир е сосема поинаку. Тој гренд слем, како и останатите три други гренд слемовите се дел од ИТФ, при што нив во нашиот регион ги пренесува Евроспорт, а само Вимблдон е во понудата на Спорт клуб.

Договорот за откуп на правата за телевизиски пренос на гренд слемовите се потпишува на три години, и кога се обновува понудата таа оди на лицитација, при што телевизијата која ќе даде повисока понда ги добива пренесите од турнирот.

„Вимблдон е далеку најскап во споредба со останатите три гренд слемови“ – ни објаснува Вишковиќ. „И тука не спаѓа само цената за преносот, туку доста чини и доаѓањето на нашата екипа, закуп на коментаторската позиција на стадионот, закуп на позицијата да се вршат директни вклучувања, сателитските врски. Сè тоа доста чини“.

Поради високите цени за пренос и следење на Вимблдон од лице место, како ни објаснува соговорникот, екипата на Спорт клуб на Вимблдон буквално обавува работа која на другите телевизии ја вршат три пати повеќе луѓе.

„На овој Вимблдон сме тројца, минатата година бевме шесторица. Мојот статус овде е коментатор. Кај другите телевизии коментаторите само го вршат преносот и толку. Јас овдека работам сè: ги коментирам мечевите, се вклучувам во студиото, давам извештај за дневник, земам изјави од играчите, ги закажувам интервјуата со тенисерите. Тоа е нешто што во другите телевизии го прави организаторот. Но, не се жалам, бидејќи знам од каде доаѓаме, колкави се можностите, и работите можат да функционираат или така или никако. А, од друга страна, да се биде овде е и привилегија и чест, нешто што нема цена и што секогаш те држи мотивиран за работа“.

2.

Уште откога постојат спортските ТВ преноси, постои и навиката на телевизиските гледачи, кога губи репрезентацијата, клубот или играчот за кои навиваат, дека први кои им се виновни за тоа и кон кои ќе бидат упатени сочните пцуења се – телевизиските коментатори. Во Македонија, таквите ситуации симболично ги опишуваме со поговорката „ако не можеш по магарето, удри по самарот“.

„Како коментатор никогаш не можеш на сите да им се допаднеш. Секогаш некој ќе те критикува, некој ќе те фали… зависи од сензибилитетот на публиката“ додава Вишковиќ.

Затоа, подготовката за коментирање на вимблдонските преноси е битен дел, за коментаторот да остави впечаток дека е компетентен, дека ја владее материјата, а со тоа и да биде прифатен од гледачите и колку е можно поретко да биде во улога на „самарот“.

Дали е во прашање спонтан говор „од глава“, акумулирано знаење стекнато со години работење и следење тенис, комбинација од двете, или, како бубалица, пред секој вимблдонски меч седнува да чита и истражува, беше следното што сакавме да го дознаеме од нашиот соговорник

„Кај мене е од сè по малку. Имам акумулирано знаење, но и задолжително се подготвувам за секој меч. Јас имам ливче хартија, еден вид шаблон на кој ги запишувам работите кои, иако ги знам, добро е да ги имам на хартија пред мене. Тоа е еден вид на ритуал кој ми дава сигурност. Обично подготовката за вимблдонските мечеви ми трае околу 15 минути, а за фудбалскиот пренос многу повеќе“.

Звучи парадоксално, но како објаснува нашиот соговрник, кога станува збор за финалето на Вимблдон, за толку голем настан му треба, всушност, најмалку подготовка. Објаснувањето звучи логично, зашто во тие моменти коментаторот најмалку им е потребен на гледачите и најмногу може да пречи, бидејќи во финалето емоциите се и најголеми.

„Улогата на коментаорот во финалето на Вимблдон, треба да биде како онаа на Дарко Панчев во фудбалот – во вистински момент да биде на вистинското место, односно да го искористи моментот да ја каже вистинската информација без многу да биде присутен и наметлив“ – сликовито објаснува Вишковиќ.

3.

Последниве години тренд кај големите телевизиски куќи е за Вимблдон и другите гренд слемови да се ангажираат поранешни тениски асови како стручни коментатори-аналитичари. Долго време на Еуроспорт го гледаме Матс Виландер, БиБиСи и за овој Вимблдон го има ангажирано Ник Киријос, американската спортска телевизија ЕСПН Џон Мекинро, а италијанскиот Скај спорт Иван Љубичиќ. Како нашиот соговрник гледа на овој тренд во телевизиските преноси, и дали еден ден, кога Новак ќе се пензионира од тенисот, би сакал да работи пренос на финалето во Вимблдон со него како стручен консултант?

„Мене тоа ми е супер, бидејќи кој подобро ќе ги објасни работите отколку оној кој веќе поминал низ тоа. Јас имам големо почитување кон тие луѓе, бидејќи знаењето кое го стекнале е непроценливо, а второ штом дошле до таа ситуација да коментираат, значи и дека се доволно елоквенти во говорот и не само што ја имале таа интелигенција да ги постигнат резултатите, туку ја имаат и оваа социјална широчина да можат тоа знаење да го пренесат на вербален начин. После повеќе од 700 коментирани мечеви на Новак Ѓоковиќ, би било прекрасно да работиме еден меч заедно. Новак како ГОАТ, секако дека се разбира „помалку“ и од тенисот, така што тоа би било, на некој начин, и круна на мојата кариера“.

Сепак, не можевме, а да не потсетиме дека на почетокот на кариерата на Новак, Виландер како стручен коментатор на Еуроспорт за многумина ја имаше поминато црвената линија на професионална дистанца и објективност и покажа извесен личен анимозитет кон Новак. Вишковиќ на тоа гледа од друг агол:

„Ако нешто ти каже Матс Виландер, тоа мора да има основа бидејќи тој не е некој кој дошол од улица, тоа е Матс Виландер и тоа му дава за право да го изнесе својот став. И не сметам дека тоа е непрофесионално или поминување на црвената линија на професионалната дистанца и објективност. Можат луѓето во Србија да се лутат колку сакаат кога Матс ќе го искритукува Новак, но тоа е негов став, кој никој не може да му оспори дека се темели на знаење. Се согласувам дека на почетокот на кариерата на Новак, Виландер имаше негативен став кон него. Но, подоцна, кога Новак му даде многу причини за да зборува позитивно за него, тој тоа и го направи и денес Виландер е буквално најголемиот новаков фан. Меѓутоа, тој си направи таква штета на својот имиџ, така што веќе ништо не може да го испере“.

4.

На крајот, не можевме, а да не го прашаме соговорникот каде е македонскиот спорт во конципирањето на програмата и телевизиските преноси на Спорт клуб:

„Многу се надевам дека Калин Ивановски ќе направи продор во тенискиот свет и ќе му напредува кариера, па да имаме можност и него да го пренсуваме на Спорт клуб, а со тоа и тенисот во Македонија да експлодира. Сето тоа оди поврзано, како што видовме на почетокот од разговорот со примерот на Новак и нашата телевизија“.

Текст и фото од Вимблдон,

Ненад Живановски

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK