Трите жени кои беа убиени во близина на Ватфорд, северозападен Лондон, се Керол Хант, сопруга на радио-коментаторот на BBC Џон Хант, и нивните две ќерки.
Жртвите се на возраст од 25, 28 и 61 година, а се претпоставува дека нападот е извршен со самострел, а можеби и со друго оружје, соопшти полицијата, пренесе Би-би-си.
Полицијата во вторникот нешто пред 19 часот добила повик од населбата Буши, но осомничениот Кајл Клифорд (26) не е приведен и по него потрагата е во тек.
Во потерата се вклучени специјализирани екипи и вооружени полицајци. Јавноста е предупредена да не му приоѓа на осомничениот, кој се уште го има самострелот.
Клифорд накратко служел во британската армија, но ја напуштил во 2022 година и засега не се познати мотивите за нападот и неговата можна поврзаност со жртвите.
Полицијата на прес-конференција соопшти дека во потрага по осомничениот на северот на британската престолнина се распоредени обемни полициски ресурси.
Британските медиуми објавија дека Хант, главниот коментатор на Би-Би-Си за трки со коњи, ги пронашол телата во вторникот вечерта кога се вратил дома од известување на тркачката патека Лингфилд Парк, јужно од Лондон.
Три жени во вторникот вечерта биле пронајдени тешко ранети во куќата, а од полицијата велат дека тие и Брзата помош се обиделе да ги спасат, но на местото на нападот набрзо била констатирана смрт.
„Ова е неверојатно тежок инцидент за семејството на жртвите и би побарале да се почитува нивната приватност. Додека сè уште сме во раните фази на оваа истрага, активно го бараме Кајл Клифорд за кој веруваме дека може да се наоѓа во областите Хертфордшир или северен Лондон“, рече детективот началник Роб Хол, од Одделението за главен криминал во Бедфордшир, Кембриџшир и Хертфордшир.