Претседателот на Бугарија Румен Радев на работна средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис во Атина, разговарале за итно интензивирање на работата на стратешките билатерални планови, но и за проблемите со Република Северна Македонија по доаѓањето на новата власт.
„За жал, државното раководство на Северна Македонија очигледно не е подготвено за функцијата. Неопходно е да се знае меѓународното право. Откако ќе се потпише меѓународен договор, тој мора да биде имплементиран од сите наредни влади, а не да се ревидира“, рече Радев и додаде:
„Неопходно е и познавање на статистиката, бидејќи сега 120.000 Македонци имаат бугарско државјанство, со документирано бугарско потекло“.
Радев на брифинг со новинарите објасни дека важен стратешки проект за Грција и Албанија е терминалот за течен природен гас во Александруполи, кој треба да биде пуштен во употреба најдоцна до октомври.
– Терминалот сè уште има технички проблеми, кои се решаваат. Во проектот учествува Бугарија, која има стекнато 20 отсто од него – потсети Радев.