Решението за поевтина струја е левичарско и струјата може да биде поефтина само доколку е под ,,капата” на државата – ова е ставот што го истакна пратеникот од Левица, Сашко Јанчев, во својот говор на собраниската седница за измените во Законот за енергетика.
– Во јавните услуги, како што е снабдувањето со електрична струја, не смее да има приватен интерес, како што тоа го има сега ЕВН, затоа што јавните добра и услуги се оние минимум добра и услуги што мора да ги има секој граѓанин за да има минимум пристоен живот, а за да ги има, тие мора да бидат подостапни. За да бидат подостапни, треба да бидат поевтини. За да бидат поевтини, мора да бидат под ,,капа” на државата, затоа што приватниот пазарен интерес на газдите налага на крајот од равенката тие да имаат профит – поентираше пратеникот од Левица, Сашко Јанчев.
Според сегашната регулатива, универзалниот снабдувач со електрична енергија, а тоа е ЕВН Хоум, до 1 јули треба да основа нова фирма, ново друштво, да извади нова лиценца.
– Ако не го направи тоа, домаќинствата ќе се префрлат од регулиран пазар, каде што цената на струја е 60 евра по мегават, на слободен пазар, каде што цената е повисока – 95 евра по мегават. Значи, ќе има повисока цена и за да не се случи тоа, сега ги правиме овие интервенции во Законот – истакна Јанчев.
Пратеникот Јанчев дискутираше и за прашањето зошто универзалниот снабдувач не стигнал да си ги исполни законските обврски согласно со законските рокови и одлуки.
– Тоа е затоа што се чекаше согласност од Мицкоски. Се чекаше Мицкоски да се согласи дека ЕВН Хоум ќе биде универзален снабдувач со електрична енергија, наместо тоа да го прави домашен ентитет. Затоа, впрочем, тој во предизборието беше и на гости во Виена – појасни Јанчев.