Министерот за транспорт и врски Александар Николоски го повика Јавното обвинителство да го испита работењето на Железница-Инфраструктура и на Јавното претпријатие за државни патишта (ЈПДП) врз основа на наводите од извештајот за јавните инвестиции на Државниот завод за ревизија.
Сомнежите, како што истакна Николоски се за патот Дреново-Градско за кој има ризици од арбитража, зголемената вредност на автопатот Кичево-Охрид за 175 милиони евра, а за кој досега се потрошени 446 милиони евра и не е завршен и по 10 години, како и за третата фаза од пругата кон Бугарија каде вредноста е зголемена за 220 милиони евра односно на 560 милиони евра наместо првично планираните 340.
Според Николоски на крајно нетранспарентен процес почната е тендерската постапка пред избори, а понудите на тендерот се доставуваат до денеска. Ќе следи процес на евалуација заедно ЈПДП и меѓународните кредитори ќе се разговара за ревидирање на проектот.
„Ова е најскапата пруга. Таа ќе поминува низ Крива Паланка за што треба да се рушат десетина, можеби стотина куќи и ќе заврши во тунел кој нема крај. Велам во тунел, затоа што поврзувањето со Бугарија е предвидено со тунел, а ние градиме само од нашата страна. Бугарија нема ни проект за ова. Таа има железничка пруга кон Македонија, но нема неколку километри и не знаеме што ќе се случи“, рече Николовски.
Ги повика меѓународните кредитори, како што рече, да седнат и да разговараат дали е ова начин и дали вреди вака да се трошат народните пари, а ЈО да го испита работењето на двете претпријатија.
По промена на раководството во ЈПДП, Николоски најави дека ќе побара декласифицирање на Договорот со Бехтел и Енка за автопатските делници на коридорите 8 и 10Д.