„Левица ја изразува својата длабока загриженост поради катастрофалното менаџирање на депонијата во подножјето на падините на заштитената Осоговија од страна на градоначалникот од ДПМНЕ, Љупчо Папазов и неговата администрација. Овој долгогодишен проблем не само што не е решен, туку и се влошува, сериозно загрозувајќи го здравјето на граѓаните и еколошката стабилност на регионот“, велат од Левица.
„Во депонијата се согоруваат различни видови отпад, меѓу кои и пластика, која при горење ослободува диоксини и фурани, високотоксични соединенија кои се штетни за човечкото здравје и животната средина. Научните студии докажуваат дека вдишувањето на ваков тип чад од горење на отпад предизвикува сериозни здравствени проблеми како што се: респираторни заболувања, кардиоваскуларни проблеми и рак на бели дробови.
Локалните власти место да бараат решенија, бараат изговори. Иако темата на градската депонија беше разгледувана на повеќе седници на Советот на Oпштина Кочани, единствено што можеа да слушнат граѓаните беа меѓусебните обвинувања на ДПМНЕ и СДСМ околу тоа кој е повеќе виновен за состојбата со депонијата.
Јавното претпријатие не смее да се жали дека нема средства за стражарска служба, за третирање со алги, за осветлување и оградување на депонијата, затоа што само во 2023 година издвои 20 милиони денара за привремени вработувања! Дали партиските вработувања се приоритет пред здравјето на граѓаните?!
Ниту СДСМ ниту ДПМНЕ немаат право да објаснуваат колку се залагаат за добивање помош од Владата, бидејќи наводниот камен на препнување било тоа што ситуацијата не е предвидена во Правилникот на Министерството за животна средина, при што ДПМНЕ веќе трет мандат го има Миле Лефков за пратеник во Собранието на Македонија, а до вчера пратеничка беше и Марија Ангелова од СДСМ, при што сега ѝ е доделена месечна апанажа од 100.000 денара! Колку и какви иницијативи беа покренати до надлежното министерство за измена на споменатиот правилник?!
Левица ЛО Кочани ги поддржа и овие, како и претходните протести на граѓаните и ќе продолжи да се залага за реално решавање на овој горлив проблем! Животот и здравјето на граѓаните, како и квалитетот на живеење, мора да бидат највисок приоритет над сите други интереси“, соопшти Левица.