Општина Карпош реагира на соопштението на Министерството за внатрешни работи по повод тепачката во Злокуќани, а потоа и на Клиничкиот центар Мајка Тереза.
За какви луѓе станува збор покажува фактот што се дрзнале да направат нова физичка пресметка во Клиничкиот центар токму онаму, каде граѓаните и тие самите одат на лекување и бараат помош од тие установи, коментира Општина Карпош и додава:
„Локалната самоуправа е на став дека кон овие насилници во бруталната пресметка незапаметена за нашата општина органите за спроведување ред и мир не реагираа соодветно на степенот на бруталноста, насилието и употребата на разни остри помагала и оружје во овој немил настан. Општина Карпош смета дека доколку одговорот на полицијата во првата пресметка во Злокуќани била пропорционална на тежината на инцидентот нема да се случела тепачката на Клиничкиот центар. Дотолку повеќе што голем дел од овие насилници се познати на полицијата со години. За какви луѓе станува збор покажува фактот што се дрзнале да направат нова физичка пресметка во Клиничкиот центар токму онаму, каде граѓаните и тие самите одат на лекување и бараат помош од тие установи. Раководството на општината во повеќе наврати укажуваше на надлежните државни органи дека кон овие луѓе треба да се настапи бескомпромисно и одлучно да бидат санкционирани согласно законот, во спротивно нивната бруталност добива на замав и го претвора Злокуќани во нивна забранета зона која се шири како рак рана кон Бардовци и Влае 1“, се вели во реакцијата на Општина Карпош.
Основното јавно обвинителство Скопје донесе Наредба за спроведување истражна постапка против пет лица, кои се осомничени дека заедно сториле кривично дело – Насилство според член 386 став 6 во врска со став 3 и став 1 од Кривичниот законик.
На 18 јуни, пред Ургентниот центар при комплексот клиники “Мајка Тереза”, осомничените во група ја загрозиле сигурноста и извршиле грубо насилство врз едно лице.
По претходна физичка пресметка помеѓу членови на две семејства во Злокуќани, оштетениот со неговото семејство на Ургентниот центар чекале лекарска помош за неговиот син.
Во дворот на клиниките пристигнале и осомничените. Физички го нападнале оштетениот, удирајќи го по главата и телото со клоци и тупаници, но и со метални шипки, дрвени палки и други предмети. Со ударите му нанеле тешки телесни повреди – фрактури на носна коска и на ребра, а кај останатите присутни предизвикале чувство на загрозеност, несигурност и страв, соопшти Обвинителството.
Јавниот обвинител до судијата на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје достави предлог за определување мерка притвор за сите петмина осомничени, бидејќи постои опасност од бегство, можност да влијаат врз сведоци и оштетени, но и да го повторат делото.