Путин го нападна Западот во разговорот со Ким, лидерот на Северна Кореја порача: Ова е историски момент

Screenshot-2024-06-19-075504.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Рускиот претседател Владимир Путин пристигна синоќа во својата прва посета на Северна Кореја по 24 години, ветувајќи дека ќе ги подобри трговските и безбедносните врски со земјата и ќе ја поддржи во односите со САД. Рано утрово, по наше време, Путин и Ким Џонг-ун започнаа разговори, пренесува Интерфакс.



Рускиот претседател го нападна Западот

Путин му рекол на Ким „дека се надева оти нивната следна средба ќе се одржи во Русија, во Москва“, пренесуваат руските медиуми.

Рускиот претседател рече и дека „се восхитува на трансформацијата на Пјонгјанг во изминатите 24 години“ и дека е убеден дека денешните преговори ќе бидат продуктивни, пренесе агенцијата Тас.

Тој рече и дека е подготвен нов документ кој „ќе биде основа на односите меѓу двете земји уште многу години“.

Путин изјави и дека „Русија се бори против децениската империјалистичка политика на САД“.

„Мислам на нашата борба против хегемонистичката политика наметната со децении, империјалистичката политика на САД и нивните сателити кон Руската Федерација“, рече Путин.

Ким Џонг-ун: Ова е историски момент

Односите меѓу Руската Федерација и Демократска Народна Република Кореја влегуваат во период на нов просперитет, изјави Ким по првиот дел од разговорот со Путин, пренесува руски Тасс.

„Односите меѓу нашите земји влегуваат во период на нов висок просперитет, кој не може ниту да се спореди со периодот на корејско-советските односи во минатиот век“, рече Ким Џонг-ун. Тој изрази уверување дека за време на посетата на Путин „огненото пријателство на двете земји монолитно ќе зајакне“.

Лидерот на Северна Кореја срдечно го поздрави својот гостин на почетокот на преговорите. Тој истакна дека оваа посета го потврдува квалитетот на руско-корејските односи, кои влегоа во период на најголем развој. Според Ким Џонг-ун, оваа посета е историски момент и има најважно стратешко значење во историјата на руско-корејските односи.

Ким Џонг-ун привлече внимание на тоа како шефот на руската држава беше пречекан од обичните жители на Пјонгјанг. „Мислам дека ентузијазмот што ви го покажаа нашите жители уште еднаш го потврдува вистинското ниво на нашите односи“, рече тој.

Тој изјави и дека Русија „ја одржува стратешката рамнотежа во светот“.

„Владата на Демократска Народна Република Кореја ја цени важната мисија и улогата на силната Руска Федерација во одржувањето на стратешката стабилност и рамнотежа во светот, а исто така изразува целосна поддршка и солидарност на руската влада, армија и народ во спроведувањето специјалната воена операција во Украина за заштита на суверенитетот, безбедносните интереси, како и територијалниот интегритет“, нагласи Ким Џонг-ун.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK