Орбан бесен по одлуката на Европскиот суд да ја казни Унгарија

Орбан-Му-кажав-на-Столтенберг-дека-го-поддржувам-влезот-на.jpg
Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK

Унгарскиот премиер Виктор Орбан изјави дека денешната одлука на Европскиот суд на правдата да ја казни Унгарија во износ од 200 милиони евра и дополнителни милион евра дневно поради миграциската политика е нечуена и неприфатлива.



Орбан во објава на платформа Икс тврди дека Унгарија е казнета поради, како што наведе, бранењето на границите на ЕУ.

„Илегалните мигранти се чини дека им се поважни на бриселските бирократи отколку европските граѓани“, рече Орбан.

Унгарија ќе мора да плати казна од 200 милиони евра поради непримена на промените во политиката за третман на мигрантите и барателите на азил, објави денеска највисокиот суд на ЕУ, Европскиот суд на правдата.

Судот наведе дека Унгарија, која претходно одби да ја спроведе судската одлука од 2020 година, исто така ќе мора да плаќа казна од 1 милион евра дневно додека целосно не ги спроведе предвидените мерки, објави Ројтерс.

Судот на ЕУ посочува дека Унгарија не презела мерки за почитување на пресудата од 2020 година во врска со правата на барателите за меѓународна заштита да останат во Унгарија во очекување на конечната одлука по нивната жалба против одбивањето на нивната апликација, како и протерувањето на државјани од трети земји кои илегално престојуваат во таа земја.

Унгарската влада претходно тврдеше дека пресудата од 2020 година е спорна бидејќи веќе ги затвори таканаречените транзитни зони и ги заостри правилата со кои се забранува идните барања за азил.

Европската комисија (ЕК) поднесе втора жалба против Унгарија до судот на ЕУ на почетокот на 2022 година, во која се наведува дека Унгарија не ги презела сите неопходни мерки за да се усогласи со пресудата од 2020 година.

Facebook
Twitter
LinkedIn
Telegram
WhatsApp
OK