Актуелната претседателка на Европскиот парламент, Роберта Мецола, најави дека лидерите на политичките групи на ЕУ ќе се соберат на нивната прва официјална средба во вторник, откако се одржаа изборите ширум ЕУ.
Мецола рече дека новиот парламент „ќе започне со работа веднаш“. „Веќе во вторник…лидерите на политичките групи ќе се соберат на првиот состанок на парламентарната конференција на претседателот.
Меѓу другото, тие треба „да ги разгледаат резултатите од европските избори со цел да го изберат следниот претседател на Европската комисија и да договорат временска рамка за конституирање на новиот парламент“, рече Мецола.
„Во текот на следните недели ќе треба да се конституираат политички групи и да се формира мнозинство за да се работи на политичка програма која ќе го одреди правецот на нашата Унија во наредните години.
„Новиот парламент ќе ја одржи инаугуративната седница во Стразбур на 16 јули“, рече Мецола.
„Како претседател на овој парламент, денешните резултати ги гледам како знак на довербата на народот, дека парламентот ќе продолжи да ја води европската агенда во следните пет години, но и како сигнал дека треба уште повеќе да работиме за да допреме до народот. Европа гласаше. Демократијата е жива и нашиот парламент ќе биде конструктивен и ќе продолжи да работи за сите Европејци“.