Денес за прв пат во Македонија се одржа Конференција за лешникари – Сигурна иднина на Швајцарскиот пазар.
Целта на оваа конференција беше да обезбеди корисни информации и поддршка за одгледувачите на лешници.
Бошко Нелкоски, еден од организаторите на конференцијата, изјави дека од досегашното искуство со извоз на лешник во Швајцарија, може да се забележи дека земјата е класифицирана во А класа добавувачи.
– Нашиот лешник е доста квалитетен. Во доста ставки е поквалитетен и од турскиот лешник, вели Нелкоски.
На швајцарскиот пазар, како што посочи, се откупуваат околу четиристотини до петстотини тони органски лешник.
– Во овој момент сме подготвени да извозиме органски лешник по нивниот квалитет, околу десетина до дваесет тони. Бараме да можеме да извозиме барем половина од тој потенцијал и да станеме партнер на оваа швајцарска компанија, а Македонија да стане препознаена како производител на лешник на територија на Европа, што е многу значајно, нагласи Нелкоски.
На конференцијата беа споделени корисни информации кои ќе помогнат да се разбере процесот на сертификација, потребен за извоз на лешници на пазарите во Европската Унија и Швајцарскиот пазар, и за насоките за добивање на потребните сертификати.
На оваа конференција се зборуваше и за најновите барања од страна на лешникарите, за предизвиците со кои се соочуваат и предлог промени во легислативата, односно за промени во законодавството, посочувајќи како тие промени можат да им помогнат, како и за промени во субвенционирање и продажба.
Свое обраќање имаше и г-дин Цветан Трипуновски, дополнителен заменик – министер за земјоделство, шумарство и водостопанство во техничката влада, кој во својата изјава рече дека стојат на располагање за да се олесни пласманот на македонскиот лешник на европскиот пазар.
– Како идна влада, стоиме на располагање. На оваа конференција ќе стане збор и за новиот закон за органско производство што е во фаза на припрема. Едноставно, да ги слушнеме двете страни, сѐ со цел да донесеме закон што ќе биде применлив, што ќе има ефект и ќе значи дополнително квалитетно земјоделско производство на лешник во Република Македонија, рече Трипуновски.
Мисијата е да се придонесе за просперитетна и еколошки одговорна индустрија за лешници и да се обезбеди сеопфатна поддршка и ресурси за помош на земјоделците да успеат.
Миланка Фијамин, претставничка на швајцарската фирма КООП „Халба“ вели дека се заинтересирани да купуваат македонски лешници за швајцарскиот пазар.
– Во последните неколку години сме многу активни со нашиот партнер Бошко Нелкоски и со неговата фирма, со желба да го поттикнеме производството на лешници и извозот на органски лешник за швајцарскиот пазар, изјави Фијамин која посочи дека во моментот е тешко да се говори за минимална откупна цена.
Свое излагање имаа и претставници од СВГ, ИМЕ, ГИЗ и и др.
Оваа конференција, за која покажаа голем интерес многубројни присутни посетители од целата земја и од странство, означува почеток на нова историја за лешникарството во Македонија, со што се очекува да стане една стратешка култура со сериозен и извозен потенцијал.