Претседателот на Собранието, Африм Гаши во понеделник ќе се сретне со амбасадорката на САД во земјава, Анџела Агелер. Според објавата во собранискиот календар, нивната средба ќе започне точно напладне.
Еден час подоцна, во 13 часот, Гаши ќе се сретне и со швајцарската амбасадорка, Вероник Улман.
Во четврток, пак, Гаши ќе оствари средба и со амбасадорката на Германија, Петра Дрекслер.
Веќе во петок, собранискиот спикер ќе се сретне со Aлександра Пападополу, заменик министер за надворешни работи на Република Грција и Софија Филипиду,амбасадор на Република Грција во земјава.
Филипиду ја напушти собраниската галерија додека траеше заклетвата на новата претседателка на Македонија Гордана Силјановска Давкова откако таа наместо Северна, употреби само Македонија.
Вчера Гаши оствари прва средба по изборот на функцијата со евроамбасадорот Дејвид Гир и со претставници на Делегацијата на Европската Унија во земјава.
Гир изрази очекување дека новиот парламентарен состав ќе работи посветено во остварување на стратешката цел на земјата за полноправно членство во Европската Унија.
Претседателот Гаши и евроамбасадорот Гир разменија мислења и за престојните избори за Европскиот парламент, како и за претстојниот изборот на нова влада во земјава. Тие разговара и за процедурите за донесување на законите во Собранието, за зајакнувањето на надзорната функција на Собранието во однос на извршната власт, како и за понатамошното усогласување со законодавството на ЕУ.