Скопје, 4 јуни – Успешните млади претприемачи Нина Ангеловска и Петар Ниновски ќе бидат дел од говорниците на конференцијата „Чувари на мудроста“, која во организација на Халкбанк, ќе се одржи на 11 јуни во МКЦ. Целта на настанот е студентите и младите кои се на почеток на својата кариера, да ги чујат и да добијат инспирација од советите на вкупно 16 говорници, меѓу кои има академици, професори, граѓански активисти, културни работници, креативци.
Преку интересни разговори, панелистите ќе ги раскажат своите професионални приказни и ќе споделат тактики за успех кои тие ги користеле за време на нивниот професионален развој.
Нина Ангеловска, пионерка во е-трговијата во Македонија и регионот, како дисциплинираниот и искрен пристап во работењето ѝ помогнале да изгради успешна бизнис приказна уште пред да наполни 30 години.
„Мојата професионална кариера е резултат на бројни патувања и запознавање на претприемачи и експерти од целиот свет. Собирањето искуства и знаења од различни култури и деловни практики ми помогна да го збогатам моето разбирање за дигиталната економија и да го применам тоа во Македонија. Мојот совет до младите е да останат оптимисти и постојано да работат на своите силни и слаби страни. Способноста за брзо учење и адаптибилност се клучни за успех“, вели Ангеловска.
На втората конференција „Чувари на мудроста“ ќе говори и Петар Ниновски, кој со својата страст за иновации и едукација, пред присутните ќе сподели искуства, предизвици и вредни совети.
„Храброста да пробате нови нешта и да излезете од зоната на комфор ви отвора нови можности. Истрајноста е она што ве држи на патот кон успехот дури и кога се чини дека не се движите напред. Никогаш не се откажувајте. Имајте верба во себе и во вашите способности. Две работи постојано ме туркаат напред – првата е пасијата за едукација, а втората е тоа што постојано сум параноичен за бизнисот. Ваквата параноја е здрава затоа што те подготвува да ги предвидиш потенцијалните проблеми и не ти дозволува да останеш на статус кво. Моето мото е: Only the paranoid survive!“ советува Петар Ниновски, основач и управител на Brainster, основач на Brainster Next Колеџ и Brainster Albania.
Конференцијата „Чувари на мудроста“ е бесплатна и отворена за сите млади. Заради ограничениот број, сите заинтересирани треба да се регистрираат и да го пријават своето учество на следниот линк: bit.ly/Конференција-ЧувариНаМудроста
Во рамки на конференцијата ќе се одржат работилници за дефинирање и развој на бизнис идеи кои ќе произлезат од младите. Присутните ќе имаат можност да посетат и работилница за брендинг на стартап компании. Младите, на настанот ќе добијат изненадувања од организаторот, а најсреќните од нив и вредни награди.