Холандски турист уништил ѕид со фрески во античка римска куќа во Херкуланеум, во близина на Неапол, оштетувајќи ја зградата што ја преживеала вулканската ерупција на Везув во 79 година од нашата ера, соопшти денеска италијанската полиција.
Во соопштението на полицијата се вели дека 27-годишниот турист бил брзо идентификуван откако вработените во археолошкиот локалитет откриле графити исцртани со црн, неизбришлив фломастер на бел дел од насликан ѕид.
Полицијата соопшти дека тоа е потпис на маж кој сега се соочува со обвинение за оштетување на уметничкото дело.
Помалиот град од неговиот попознат сосед Помпеја, Херкуланеум бил покриен со подлабок слој пепел, кој ги заштитил неговите урнатини од крадци и оставил особено добро сочувани остатоци.
Како одговор на зголемениот вандализам, Италија оваа година воведе построги казни за оние кои ги оштетуваат спомениците и културните места, одредувајќи казни до 40.000 евра.